Јавните училишта во округот Акомак во Вирџинија ги забранија книгите „Да се убие птицата подбивница“ и „Хаклбери Фин“, откако родител се пожалил дека содржат премногу расистички термини.
Литерарните класици на Харпер Ли и Марк Твен се забранети во училиштата во округот Акомак, откако се пожалила мајката на тинејџер, чии родители се од различна раса. Основа на поплаката било користењето на „н-зборот“, кој се појавува често и во двете книги.
„Има толку многу расистички навреди, што не можеш да преминеш преку тоа“, изјавила мајката пред бордот за образование на округот Акомак. Додава и дека „САД е поделена нација и така и ткаа“.
Комитет тукушто ќе одлучува дали книгите ќе бидат трајно забранети, а во меѓувреме се забранети за читање и предавање во училиштата. Националната коалиција против цензура го опишала потегот како „особено шокантен“, додавајќи дека „преку избегнување на дискусија за контроверзни проблеми, како расизмот, училиштата само им штетат на своите ученици“.
Во писмо упатено до бордот на училишта на Вирџинија, напишале: „Секоја книга им овозможува на читателите да се здобијат со историско разбирање за расните врски во Америка, и ги поканува да се информираат повеќе за овие проблеми во денешнината. Иако непријатни за некои, расистичките навреди реалистично ја прикажуваат американската историја и треба да се читаат со надзор на наставник“.