„Чиста околина“ снима нови песни

Славната македонска рап-банда „Чиста околина“ влезе во студио и конечно почна да снима нов материјал. Пред точно една година, кога настапија на минатогодишниот „Таксират“, момците го најавија своето враќање на домашната музичка сцена, но дури сега се фатија за посериозна работа.

„Чиста околина“ снима нови песни

Четворката во состав Ристо Солунчев, Виктор Георгиев, Самоил Петрески и Јане Јосифовски, екипата што остана да функционира по 1997 година, сега снима две нови песни во студиото на нашиот тон-мајстор Ивица Јанкуловски. Песните наскоро ќе бидат објавени како макси-сингл, кој би требало да е најава и за целовечерен албум.

– Тоа што го ветивме пред точно една година, сега го реализираме. „Чиста околина“ е во студио каде што ги снима песните „Мора да е авангарда“ и „Што со рапот“. Тоа се наши постари песни што никогаш досега не беа снимени, туку изведувани само на концерти, како што беше случајот и на ланскиот „Таксират“ – вели Самоил Петрески.

Членовите на „Чиста околина“ велат дека овој пат ќе соработуваат со врвна екипа музичари и продуценти, со кои заедно ќе го дефинираат звукот на новите песни.

– Решивме да продолжиме со соработка со нашите долгогодишни пријатели – гитаристот Сеад Хаџиќ-Сецко, басистот Џоле Максимовски и тапанарот Гоце Стевковски, со кои свириме и на „Таксират“. Тие се големи професионалци и се во врвот на македонскиот рокенрол, но наедно тие се и музичари што најдобро ја сфаќаат нашата идеја и даваат специфичен звук. Исто така, овој пат одлучивме како дел од екипата да го вклучиме и тонецот и продуцентот Ивица Јанкуловски, затоа што сметаме дека токму продуцентите се клучните играчи во креирањето на хипхоп-звукот – додава Петрески.

Овие песни нема многу да се разликуваат од тоа што претходно го работеше „Чиста околина“, но сепак ќе имаат малку посовремен звук.

– Сега сакаме да добиеме нов современ звук, кој сепак ќе се заснова на основните идеи што ги застапува „Чиста околина“ уште од крајот на 1980-тите години – додава Самоил.

Додека го очекуваме новиот материјал на „Чиста околина“, да се потсетиме на интервјуто што момците лани, во пресрет на нивниот настап на „Таксират“ го дадоа за Радио МОФ:

Извор: Нова Македонија