Четврто издание на ДримОн во Струга: Пет дена културна деконтаминација

Новото, четврто издание на фестивалот за урбана култура ДримОн, ќе се одржува од 27 и 31 јули во Струга. Во најавата, стои дека ќе има главна сцена, chill-out зона и улични акции, со преку десет музички настани, концерти и ди-џеј сетови, дебати, изложби, перформанси, филмови, работилници.

Досега се потврдени концертите на белградските рокенрол состави Stuttgart Onlajn, чиј настап ќе се одржи на 27 јули (среда) и KANDA KODŽA I NEBOJŠA, кои ќе ја забавуваат публиката на 30 јули (сабота).

Третиот фестивалски ден ке биде во духот на Канал 103, односно ќе се прослават 25 години јубилеј на алтернативното радио. Најавени се настапите на MILLKO, бенд од Скопје формиран 2006 година, KANTON 6 и Синиша Евтимов и Мирко Попов.

Последниот ден на фестивалот, традиционално ќе се одбележи со театарски претстави – „Семе“ на Театар на Сенки – Сенки и Облаци и „Госпоѓица Јулија“ на Театар Фабрика.

Во рамките на ДримОн, ќе се одржи и проекција на одбрани кратки шпански филмови во соработка со Скопје Филм Фестивал и ЕКАМ (Мадридска регионална филмска школа).

За оние, пак, кои го сакаат колажот и надреализмот, во текот на фестивалот ќе има работилница, која ќе ја одржи Трејси Спаркс од САД, на 28 јули, во 14 часот.

„Четворката е против: хипокризија, дискриминација, културна деградација и сите видови вируси и паразити“, велат организаторите.

Влезот за сите случувања на фестивалот е бесплатен.

Оваа сабота (23 јули), ќе се одржи промо забава во „Ла Кања“, каде освен музика ќе има и мини изложба.