Четири плажи на Дојранското езеро забранети за капење

Четири плажи на Дојранското езеро се забранети за капење, пренесува zdravstvo24.mk. Според порталот, вакво решение донел Државниот санитарен и здравствен инспекторат, откако последните анализи од пред една недела направени во Центарот за јавно здравје Велес покажале дека водата во езерото на четири мерни места е загадена. Бактериолошката и хемиската неисправност била од трети степен.

„Тоа се мерните места Градска плажа, Црвен Крст, Златен брег и Калдрма. Информирани се и градоначалникот и комуналното претпријатие кое стопанисува со езерото да постават табли за забрана за капење“, вели за zdravstvo24.mk д-р Вера Менковска, инспектор во ДСЗИ.

Од ДСЗИ велат дека доколку надлежните преземат соодветни мерки за подобрување на квалитетот на водата во езерото забраната ќе биде тргната веднаш.
„Ако анализите покажат подобри резултати забраната ќе биде тргната“, додава Менковска.

И годинава Треска и Вардар се исто така строго забранети за капење. Таму водата е од четврти и петти степен бактериолошки загадена.
Од друга, страна водата е чиста и безбедна во Охридското и Преспанското езеро.