Четири нови „Т“ од СЈО за затајување данок и злоупотреба на тендери

Специјалното јавно обвинителство објави дека се отворени четири нови истраги за четири лица, а истовремено соопштија дека во наредните денови ќе биде поднесен обвинителен акт за случајот „Транспортер“. Се работи за случаи на злоупотреби на службената положба на поранешен помошник министер за внатрешни работи и директор на основно училиште, како и даночно затајување на управители на две фирми за маркетинг и пропаганда.

„Табла“ – Во овој предмет СЈО сомничи директор на основно училиште од село Зајас за злоупотреба на службената положба и овластување. Според обвинителството тој овозможил имотна корист за едно правно лице, преку склучување договор со правното лице „Бау Проф“ склучил договор за нов училишен објект во износ од 200 илјади евра без тендер.

„Триста“ – СЈО има отворено истрага за помошник министер во Министерството за внатрешни работи кој е осомничен дека во периодот од од 2008 до 2012 година го оштетил Буџетот за 453.570 евра преку свесно склучување договор за јавна набавка за купопродажба, сервисирање и одржување на 300 возила кој не бил економски најповолен.

„Тотал“ – Едно лице, управител и сопственик на друштвото за маркетинг и пропаганда „Тотал Маркетинг“ (и три други правни друштва), е осомничен дека од 2008 до 2015 година со намера тој и правното лице да одбегнат делумно плаќање даноци преку давање лажни податоци. Со тоа правните лица избегнале плаќање данок во износ од нешто преку 121 илјади евра, додека осомничениот избегнал плаќање данок од 63 илјади евра. СЈО посочи дека осомничениот ги користел правните лица за купување предмети и услуги за лични потреби. Набавени биле душеци, рачен часовник, мебел, персиски теписи и слични работи кои се припишувале на правните лица иако повеќето од нив немале вработени лица.

„Тифани“ – Во сличен случај како и претходниот, едно лице, управител на друштвото за комуникација и консалтинг „СМАРТ Центар експорт-импорт – Скопје“, е осомничено за даночно затајување. Според СЈО постои основано сомнение дека од 2008 до 2014 година лицето давало лажни податоци во завршните сметки и даночните пријави, со што правните лица избегнале да платат данок во износ од 37.600 евра, а осомниченото лице избегнало да плати скоро 17 илјади евра. Наводно, припишано како потреби за правните лица – за лични потреби купени биле луксузен мебел, долна облека, очила, шминки и козметика, чанти и слично.

„Наидовме на голем број обезбедени, пред се материјални, но и вербални докази дека во периодот од 2008 до 2015 година Управата за јавни приходи и Министерството за финансии, не само што не ги извршувале законските должности од делокругот на нивното работење, напротив дозволиле и поединци и други министерства да работат спротивно на законите, а со тоа овозможувајќи одредени физички и правни лица да се стекнат со одредена имотна корист на сметка на Буџетот на Република Македонија“, рече обвинителката Катица Јанева.

„Отварањето на денешните финансиски истраги, заедно со предистражните и други истражни постапки кои веќе се водат во ова обвинителство, во иднина ќе утврдат на кој начин се перени пари од Буџетот на Република Македонија и како тоа овие пари завршувале во приватни џебови на одредени високи функционери во власта и правни лица зад кои исто така се кријат високи функционери во власта“, дополни Јанева.

Дел од медиумите ја напуштија пресконференцијата на самиот почеток, револтирани од начинот на кој ова Обвинителство ги води истрагите.

Обвинителката Ленче Ристоска ги демантираше тврдењата во јавноста дека СЈО врши притисок врз медиумите.

„Ниту еден медиум не е под истрага во овој момент од СЈО. Ако одредени лица, кои се сопственици или работат во некои медиуми, сториле кривични дела кои не се поврзани со работењето на медиумите и се сами за себе, се разбира дека мора да спроведе истрага и да се види дали ќе има одговорност за овие лица. Во ниту еден случај ние не правиме притисок на медиумите“, појасни Ристоска.

Од СЈО ги охрабрија граѓаните да соработуваат со оваа институција, бидејќи сите постапки на даночни малверзации директно влијаат на нискиот стандард во кој живеат голем број граѓани. Јанева побара од Собранието да ги разгледа законските одредби кои ја ограничуваат работата на СЈО и заеднички да изнајдат законско решение кое ќе овозможи комплетно разгледување на сите кривични дела за целосно исполнување на мисијата на Обвинител