Податоците за загадување на воздухот кој има последици врз здравјето бара итно превземање на чекори за да се ублажи овој проблем. Во општината се разработува и скенира состојбата со зеленилото, кое беше драстичнонамалено за поставување на стиропорни згради и споменици од проектот „Скопје 2014“, вели новиот градоначалник на општина Центар, Саша Богдановиќ.
Од општината соопштуваат дека Богдановиќ, заедно со својот тим, работат на реализација на заложбита за чист воздух и „Зелен Центар“.
Како решенија за поквалитетен живот и животна средина, споменуваат забрана за градење во овие месеци, потоа вертикални зелени градини и т.н. Кула за прочистување на воздухот.
„Денеска на средба со ВД директорот на Паркинзи на општина Центар, Вангел Андрески, се разгледуваше можноста за зголемување на цената на паркинг картата за да стимулираат граѓаните да го користат јавниот градски превоз, со што значително ќе се намали загадувањето. Оваа одлука нема да важи за жителите на Центар, кои и натаму ќе ги користат сите поволности, но и за и сите кои работат во централното градско подрачје“, соопштуваат од Центар.
Исто така, велат од таму, се договара и ослободување на тротоарите од паркирани возила, а проектот за поголема безбедност ќе започне да се реализира на улица „Орце Николов“ во Дебар Маало.