Цела САД на готовс по најавите за насилни протести поради инаугурацијата на Бајден

Сите 50 американски држави се со подигната борбена готовност поради најавите за можни насилни протести во пресрет на инаугурација на новоизбраниот претседател Џо Бајден.

Припадници на Националната гарда од целата држава се испратени во Вашингтон за да го обезбедуваат примопредавањето на претседателската функција на Бајден, со цел да се обесхрабрат можни протести и повторување на насилството од инцидентите на 6-ти јануари, кога толпа граѓани упадна во Конгресот, пренесе Би-Би-Си.

Федералното истражно биро (ФБИ) предупреди на можно организирање маршеви на вооружени симпатизери на претседателот Доналд Трамп во сите 50 сојузни држави. Денешниот ден е особен фокус, откако на голем број крајно десничарски групи на интернет се објавени пораки во кои се повикува на вооружени демонстрации во недела.

Најголемиот дел од Вашингтон ќе биде затворен за јавноста пред инаугурацијата на Бајден во американскиот Конгрес. Голем дел на улиците, некои и по километри оддалечени од зградата на законодавната власт во САД, се блокирани за пристап со бариери и метални огради. Паркот „Национална алеа“, каде вообичаено има огромни гужви со стотици илјади луѓе за претседателските инаугурации, е затворен на барање на безбедносните служби.

Од кампањата на Бајден веќе апелираа Американците да не патуваат во главниот град поради пандемијата од Ковид-19, а локалните власти соопштија дека инаугурацијата треба да ја следат преку телевизиски пренос.

Од тимот на Бајден веќе протекоа информации дека во првите денови по стапување на функција планираат да ги поништат голем дел од клучните политики на претходникот. Тие веќе го објавија планот од 1,9 билиони долари за закрепнување на економијата погодена од Ковид-19, а во јавноста излегоа и документи во кој Бајден планира брзо враќање на САД во Парискиот климатски договор, како и предлог-закон за реформа во имиграциите.

Бајден официјално ќе ја преземе функцијата претседател на САД на инаугуративниот настан кој ќе се одржи на 20 јануари во американскиот Конгрес.