Фотографот на Асошијетед Прес, Бурхан Озбиличи, го покривал настанот за кој мислел дека ќе биде секојдневен, фотографирајќи го Андреј Карлов, рускиот амбасадор во Турција, во една од галериите во Анкара.
Озбиличи синоќа долови како е да се направат фотографии од атентатот на амбасадорот во тие страшни моменти и покрај опасноста. 62-годишниот амбасадор им подлегна на повредите предизвикани од куршумите на напаѓачот, кој подоцна беше идентификуван како Мевлут Мерт Алтинтас.
За ужасната ситуација Озбиличи вели:
„Пукањата, најмалку осум, беа гласни во уметничката галерија. Изби хаос. Луѓето врескаа, се криеја зад столбовите и под масите и лежеа на подот. Се плашев и бев збунет, но најдов делумна заштита зад ѕид и ја извршив својата работа“.
Фотографот успеал случајно да го слика напаѓачот пред да се случи атентатот. Озбиличи вели дека кога ги разгледувал фотографиите и го забележал напаѓачот позади амбасадорот, бил шокиран од тоа колку тој изгледал „како пријател, како обезбедувач“.
Тој за кратко се почувствувал совладан од ситуацијата, но му требале неколку секунди да сфати што се случува.
„Човек умре пред мене, исчезна живот пред мене“, вели тој.
Откако успеал да направи неколку фотографии од напаѓачот, повредениот амбасадор и луѓето, фотографот бил евакуиран од зградата заедно со другите кои присуствувале на настанот. Тој успеал да се спаси, но вели дека додека се одвивал атентатот помислил на пријателите и колегите кои починале додека фотографирале во конфликтните зони низ годините.
На социјалната платформа Wayn, Озбиличи се опишува како 56-годишен Турчин кој живее во Анкара. Огромен број на луѓе го пофалија на социјалните мрежи за неговата храброст и професионализмот во тие ужасни мигови што ќе останат запаметени во историјата поради неговите фотографии.