Бројни претреси денеска се спроведени во просториите на дваесетина новинари, активисти за човекови права и синдикалци во Белорусија, како дел од истрагата за протестното движење од 2020 година, кое беше потиснувано од властите, пренесува „Данас“.
Во земјата со месеци се одржуваат демонстрации против реизборот на претседателот Александар Лукашенко, по претседателските избори од август, за кои демонстрантите обвинија за масовна изборна измама. Белоруските власти пак, возвратија со масовни притвори, полициско насилство и апсење или прогонство на клучни фигури вклучени во протестното движење.
Полицијата денес спроведе нова серија претреси насочени кон 22 лица, вклучително и на претседателот на Белоруската асоцијација на новинари, Андреј Бакунц, претставници на синдикатите и активисти за човекови права, соопштија од организацијата за човекови права „Вјасна“, чии простории се исто така мета на полициската акција.
Според белорускиот истражен комитет кој е надлежен за криминалистички истраги во земјата, рациите се спроведени како дел од нивната истрага за финансирање и организирање активности кои „сериозно го нарушуваат јавниот ред“.
Минатата недела, Лукашенко рече дека го запрел „блицкригот“ на странски сили и противници на неговата влада.
Според Белоруското здружение на новинари, минатата година во земјата биле уапсени 477 новинари, а против неколкумина се води и кривична истрага.