Британски комитет: Западен Балкан е половина век далеку од ЕУ

На државите на Западен Балкан ќе им бидат потребни 50 или 60 години да го достигнат животниот стандард на ЕУ, се наведува во извештајот на британскиот Комитет за надворешни работи објавен на 3 јули, пред неодамнешниот Самит во Лондон.

Перспективата на шесте земји од Западен Балкан кога станува збор за членство во ЕУ е мрачна, а меѓу големиот број пречки споменати во извештајот, покрај хроничната економска стагнација, се споменуваат и постојаните билатерални спорови и етнички конфликти.

„Западниот Балкан од насилните конфликти во 90-тите години надмина многу проблеми, но тука завршуваат добрите вести од овој регион. Тој останува оптеретен со испреплетени проблеми. Сето ова не може да се земе здраво за готово. Проблемите во меѓувреме се влошија, а локалните елити имаат интерес да задржат статус кво“, се наведува во документот.

Во извештајот на Британскиот комитет се констатира и дека пред помалку од 25 години на Западен Балкан имало војна, како и оти се случило „најекстремното насилство кон цивили во Европа од крајот на Втората светска војна“.

Во документот се цитира и Димитар Бечев од Универзитетот во Северна Каролина.

„Надминати се многу проблеми кои во 90-тите години доведоа до насилни судири, но добрите вести тука завршуваат. Ситуацијата на Западен Балкан се уште ја отежнуваат билатералните спорови и етничките конфликти“, наведе Бечев.

Во британскиот извештај исто така се споменува и не толку големата популарност за проширувањето на ЕУ меѓу граѓаните во државите членки.

МИА