Британци започнаа петиција кралицата самата да плати за реновирање на Бакингемската палата

Бакингемската палата, официјалната резиденција на британското кралско семејство, треба да биде реновирана со 369 милиони фунти од државните пари. Активисти, револтирани од огромната сума извадена од нивните пари за даноци, отвориле петиција за повик кралицата и нејзиното семејство самите да платат за реновирањето.

Петицијата има 23000 потписи откако била отворена во петокот навечер, а бројот се зголемува секоја минута.

Марк Џонсон, авторот на петицијата, објаснува: „Во моментов има национална криза на домување, Националната здравствена услуга е во криза, штедењето форсира намалени буџети во многу услуги. Сега, кралското семејство очекуваат да бркнеме подлабоко во сопствениот џеб за да ја реновираат Бакингемската палата. Богатството на Круната не може ни да се процени. Ова е, со еден збор, бесмислено“.

Петицијата, директно упатена до Канцеларот на државниот трезор Филип Хемонд, вели: „Направете кралското семејство само да плати за реновирањето на палатата. На Бакингемската палата ќе ѝ бидат дадени 369 милиони фунти за обнова. Даночните обврзници плаќаат за тоа. Круната и нејзиниот имот треба сами да си ги финансираат своите реновирања“.

Обновата на палатата велат дека е „потребна“, а вклучува менување на километри водоводни цевки, нова електрична инсталација и илјадници нови штекери во зградата отворена во 1703 година, а станала официјална кралска палата за време на владеењето на кралот Џорџ III во 1761.