Бришењето на независните е опасен преседан на институционална репресија, апелираат граѓанските иницијативи

„Уште едвај 30 дена до распуштање на Собранието и распишување на локалните избори, а освен заглавениот предлог на Изборниот законик со кој се предвидуваат уште полоши решенија од оние што Уставниот суд ги укина на 20 мај – не гледаме никаков друг напор од пратениците, народните претставници, да си ја исполнат својата улога на чувари на Уставот и на демократијата“.

Вака започнува денешното соопштение на граѓанските независни иницијативи по нивната вчерашна средба со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Тие нагласуваат дека правото на македонските државјани да се кандидираат за јавни функции е уставно загарантирано уште со осамостојувањето на Републиката и слободно е практикувано повеќе од три децении.

Оттука, велат независните, доколку овој пратенички состав не овозможи фер услови за излегување на независни кандидати на избори преку Изборниот законик, или свесно спречи учество на независните, ќе биде прв во историјата на македонската независност што бескрупулозно ставил потпис на институционално бришење на граѓански права што е исклучително опасен преседан со несогледливи последици.

„Можноста секој граѓанин да се кандидира за функција во локалната самоуправа не е привилегија, туку срж на демократијата. Локалните прашања како што се водата, воздухот, улиците се најгорливи и најважни за секојдневниот живот. Кога државата го оневозможува учеството на независни гласови токму таму каде што влијанието е најдиректно, таа не само што ја задушува политичката конкуренција, туку го лишува народот од основното човеково право сам да си ги решава најгорливите прашања од сопствениот живот“, истакнуваат тие.

Независните кандидати на последните локални избори се потврдија како четврта политичка сила. Но, како што посочуваат, ако се земе предвид дека нивните гласови беа дадени искрено – без уцени, без ветени вработувања, без притисок и заплашување, тогаш станува јасно зошто партиите ги сметаат за толкава опасност, зашто, додаваат, тие ја имаме поддршката од гласачи што не може да се купат.

„Да не можеа партиите да уценуваат, да заплашуваат, да вработуваат, што мислите колку гласачи ќе имаа? Нашето влијание и доверба кај граѓаните на локално ниво се факти што ниту една власт повеќе не може да ги игнорира. Ние ќе одиме на избори без оглед на очајничките обиди за партиски монопол врз демократијата. Македонија не е ничија приватна партиска сопственост“, велат независните иницијативи.

Затоа, тие бараат во најкус можен рок заглавените противуставни измени на Изборниот законик да се повлечат и да се предложат нови кои ќе бидат во линија со одлуката на Уставниот суд У.бр.186/2024:

  • Да се постави услов од 20 до 100 собрани потписи и 200 собрани потписи за Град Скопје за независни листи на кандидат/и, по пример на бројните европски држави;
  • Да се дозволи собирање потписи на терен и надвор од канцелариите на ДИК, како во европските земји;
  • Да се зголеми периодот на собирање потписи на 30 дена;
  • Да се дозволи името на советничките независни листи да биде во целост наведено на избирачкото ливче, а не како досега само името на носителот;
  • Да се обезбеди еднаквост меѓу сите политички чинители во утврдувањето на редоследот на единствената листа на кандидат/и за избор на претседател, пратеници, членови на совет, односно градоначалник, со ждрепка;
  • Да се промени одредбата за пристап до медиумскиот простор и финансирањето на изборната кампања.

Исто така, независните бараат при поднесувањето на новите измени на Изборниот законик да се организира јавна расправа со вклучување на сите чинители, вклучително независните кандидати кои се најзасегнати, но и министерството за правда и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, како и набљудувачките мисии во земјава.

Граѓански иницијативи кои стојат зад соопштението се Зелен хуман град, Шанса за Центар, Независни за Карпош – За заштита на Карпош, Поинаку во Општина Битола, СТИГА Е – Струмица, СТИГА Е – Босилово, СТИГА Е – Ново Село, Поранешни независни советници од Më mirë për Tetovën/ Подобро за Тетово и Граѓанска иницијатива Зелените од Гази Баба.

Владата и Собранието итно да го завршат автентичното толкување на Изборниот законик и да ја спроведат одлуката на Уставниот суд, бараат независните кандидати