Бобан Перески со својот труд именуван „Необичен и различен расказ“ е победник на јавниот повик на Младински образовен форум за „МЛАДИ награда за медиумска извонредност кај младите“.
Повикот беше дел од проектот „Младите во Западен Балкан – Виртуелна разгледница“, на кој можеа да учествуваат млади од 15 до 30 години од Македонија.
Учесниците на повикот работеа на зададената тема „Различноста како сила: Младите и нивната солидарност за подобро општество“. Трудовите можеа да бидат поднесени во кој било мултимедијален формат – подкаст, есеј, напис, мим, видео, фотографија или друга креативна форма.
Во продолжение, прочитајте го победничкиот труд на Бобан Перески:
Необичен и различен напис
Различноста како сила: Младите и нивната солидарност за подобро општество
Пред да започнам со пишувањето за оваа тема, редно е да објаснам дека овој необичен и различен напис, ако воопшто може да се нарече напис (се надевам дека новинарите ќе ми простат за мојот нетипичен вовед и она што следува подолу во текстот), покрај текстот, ќе содржи и мемиња. Следствено на тоа, доколку сметате дека овој некласичен стил е под вашето ниво, тогаш топло ви препорачувам вашето скапоцено време да го насочите на друго место.
Живеејќи во едно од најмултиетничките општества, сведоци сме како на толку мал простор коегзистираат значаен број култури кои во себе ги носат сите свои елементи: јазикот, верувањата, традициите, обичаите итн. Секако, тоа е резултат на историските прилики низ кои поминала Македонија во текот на вековите, но тука фокусот ќе биде насочен на сегашноста и на општествените предизвици, особено на тоа како „различните“ млади здружено може да ги надминат разликите и поделбите со цел да го направат ова општество подобро место за живеење, затоа што на различноста не треба да се гледа како на проблем, туку како извор на солидарност со цел да се постигне на општествен напредок. Притоа, кога станува збор за младите, важно е да се напомене дека младоста може да биде релативна работа, па со цел да се избегнат нејаснотии – во овој текст се мисли на поширока возрасна група која ги опфаќа децата, тинејџерите и сите оние што себеси се сметаат за млади и желни да донесат промени во општеството.
Еден од суштинските аспекти, ако не и најсуштинскиот, е токму воспитно-образованиот процес и улогата што тоа ја игра во градењето на една личност, а тука не се подразбира само училиштето, туку неформалното образование и домашното воспитание. Според тоа, многу е важно уште од најмалите години, самите деца да бидат вклучени во активности што поттикнуваат емпатија и разбирање за другиот. На тој начин, самите деца кои треба да се изградат како личности, уште од најмала возраст се учат да ја почитуваат различноста и да гледаат сличности меѓу себе, а не само разлики. Притоа, тоа придонесува за намалување на дистанцата што ја држат учениците поради која на другото дете гледаат како на „различно“ од себе.
Најголем придонес за ова може да имаат училиштата кои преку различни проекти, училишни приредби, денови на култура, гастрономски или музички настани каде што учениците од различни заедници ќе ги презентираат своите култури и на тој начин ќе придонесат за градење на заемна почит и прифаќање на различниот од себе. Сепак, тоа не треба да застане тука затоа што формалното образование е само првиот чекор кон личниот, а и општествениот развој, додека вистинскиот предизвик е во практичната примена на знаењето и постојаното учење во текот на целиот живот. На ова многу добро може да се надоврзи неформалното образование затоа што отвореноста што ја нуди овој вид образование во голема мера придонесува кон стекнување навики, вредности и вештини што не секогаш може да се научат во училишните клупи, а се неопходни за развојот на детето. И на крајот, сето ова би било залудно, доколку детето нема поддршка и позитивни воспитни модели во семејството. Кога сите гореспоменати фактори ќе функционираат во хармонија, тогаш може да зборуваме за следниот чекор во градењето подобро општество: млади кои се спремни да поттикнат позитивни промени, бидејќи кога веќе децата се со тој начин на размислување, тие сѐ повеќе ќе се насочени кон солидарност преку согледување на сличностите и како истите може да ги искористат да направат подобро општество за сите.
Младите играат клучна улога во обликувањето на сегашноста и иднината на општествата. Со својата енергија, креативност и отвореност за промени, младите луѓе се наоѓаат во таа улога да бидат носители на трансформацијата во овој свет. Нивната прилагодливост на промените, технолошките способности ги прават не само учесници во напредокот на општеството, туку и неговата движечка сила. Токму една од дефинирачките карактеристики на младите е нивната прилагодливост. За разлика од постарите генерации кои во голема мера се привикнати на воспоставени системи и традиции, за жал понекогаш проследени со фанатизам и без желба за промени, младите луѓе се повеќе спремни да прифатат промени и да бараат решенија. Тоа нив ги прави солидарни.
Друга сила на младите е нивната отвореност кон меѓукултурни пријателства и тимска работа. Растејќи во свет кој се глобализира, тие се поприфатливи за различноста и желни за соработка со врсници од различно потекло. Оваа отвореност поттикнува меѓукултурна соработка и ги намалува бариерите на предрасудите и недоразбирањата. Со заедничка работа на младите од различни културни позадини, тие поттикнуваат иновативни решенија за општествените предизвици, а воедно промовираат мир и толеранција што се витална улога за градење на солидарност во едно мултиетничко општество. Ваквите иницијативи ја одразуваат не само нивната храброст, туку и нивната верба во праведноста и фер односот. Ова чувство на заедништво не само што создава заемна поддршка, туку ја зајакнува довербата и емпатијата меѓу младите. Така, младинската солидарност претставува темел врз кој може да се градат похумани и обединети општества.
Неодминливо е тука, меѓу другото, да не се спомнат пречките со кои се соочува едно мултикултурно општество. Имено, покрај дезинформациите што се шират на социјалните медиуми кои и тоа како може да поттикнат кон создавање поделби меѓу младите, дополнителна пречка е „работата“ на одредени комисии или конкретно на Комисијата за односи меѓу заедниците. Тука не би сакал да должам, туку едноставно би посочил кон читање на истражувањето спроведено во рамки на проектот „Глеаме све! – Транспарентност и отчетност на локалните власти“, a главно се однесува на работата на Општина Струга, а во рамки на тоа и гореспоменатата комисија. Сепак, текстот нема за цел да поттикне поделби, туку да укаже на реалноста дека секоја работа која не функционира доволно ефикасно треба да се согледа, да се признае и соодветно да се поправи. Градењето толерантни општества не може да се потпира само на индивидуална добра волја, туку тоа бара силна институционална поддршка преку прогресивни политики. Владите и локалните власти имаат одговорност да ја заштитат различноста преку закони што ја забрануваат дискриминацијата и промовираат еднакви права. Покрај тоа, политиките што активно го поттикнуваат учеството на младите во процесите на донесување одлуки се клучни.
Според тоа, фокусот го ставаме на иднината. А кога зборуваме за иднината на едно општество, младите не треба да бидат само пасивни набљудувачи на промените, туку неговите клучни двигатели. Тие претставуваат најголемиот фактор за промени, бидејќи во себе ja носат способностa да гледаат надвор од ограничувањата. Оваа нивна отвореност е особено важна во мултикултурни општества какво што е македонското, каде што разликите честопати се претвораат во извор на поделби. Младите, благодарение на својата прилагодливост и отвореност кон современиот начин на живеење, тие полесно градат пријателства и тимска работа со врсници од различни културни и етнички позадини. Со тоа, тие ја разградуваат бариерата на предрасудите и го поттикнуваат духот на солидарност и заедништво.
Во денешниот меѓусебно поврзан и разновиден свет, оваа цел бара посветеност, еднаквост и значајно учество од сите членови на заедницата, особено од младите. Со обликување на училиштата, работните места и социјалните средини за да ги одразат овие вредности, општествата можат да негуваат почит, доверба и солидарност.
Младите луѓе се тие што носат свежи перспективи, технолошка поткованост и експертиза и долгорочни визии што можат да ги обликуваат општествата на подобро. Исто така, заемното почитување како водечки принцип, гарантира дека дијалогот и соработката остануваат конструктивни дури и кога се појавуваат несогласувања. Од друга страна, меѓукултурната комуникација ги премостува разликите и ја зајакнува солидарноста во мултикултурни контексти. Кога луѓето можат да разберат и ценат перспективи надвор од своите, општествата стануваат поотпорни на предрасудите и поделбите. Според тоа, патиштата кон подобро општество се вкоренети во вклученост на сите заедници, политики за поддршка и негување на критички и почитувачки дијалог. Со градење училишта, работни места и заедници кои ја прифаќаат различноста, донесување политики кои ја штитат еднаквоста, а воедно го зголемуваат учеството на младите и поттикнување на меѓукултурното разбирање, човештвото може да се приближи кон поправеден, помирен и поодржлив свет. Остварувањето на оваа визија бара континуиран напор од поединци, институции и заедници. Само преку заедничка посветеност и соработка, сонот за подобро општество може да стане реалност. Младите се темелот на секое општество и доколку бидат поттикнати и поддржани, тие ќе изградат иднина во која различноста не е поделба, туку сила што обединува.

Бобан Перески
Содржината и визуелните материјали објавени во овој труд се авторски и претставуваат исклучиво ставови на авторот. Младински образовен форум (МОФ) и партнерите на проектот не ја преземаат одговорноста за евентуални различни толкувања, реакции или несогласувања предизвикани од содржината. Сите мултимедијални материјали, вклучително текст, мемиња, фотографии, видеа и други креативни форми, се користат со цел промоција на дијалог, образование и меѓукултурна солидарност, и не претставуваат официјален став на организацијата или нејзините поддржувачи.



