Блокади и граѓанска непослушност ако Владата дозволи изградба на рудникот Иловица Штука

Средби со жители, официјални дописи, но и можност за радикализација на активностите како блокади и граѓанска непослушност, најавуваат активистите кои не сакаат изградба на рудникот за злато Иловица Штука во струмичко. Иако пред избори сегашната власт ветуваше дека нема да има нови рудници во Југоисточна Македонија, сега тактизираат со изградбата Иловица Штука. Митко Ристоманов, од еколошкото Здружение „Еко долина“, во Ново Село, во интервјуто за Радио МОФ зборува за опасностите од рудникот, моменталната состојба со постапката, но и нивните идни активности ако власта си го погази даденото ветување.

Синоќа имавте средба со жителите на Сушица, во областа каде е најавена изградбата на Иловица – Штука. Каков е интересот на локалното население и колку тие се навистина запознаени со изградбата на новиот рудник?

Благодарение на нашата кампања во пресрет на локалните референдуми од есента минатата година, кога одевме буквално од куќа на куќа во секое населено место, како и благодарение на нашите активности кои следеа после референдумите – протестни маршеви, учества на дебатни емисии и интервјуа на локални и национални медиуми, локалното население е одлично запознаено со опасностите кои му се надвиснале како Дамоклов меч од потенцијалниот рудник Иловица-Штука. Револтот меѓу народот е голем, како и решеноста по секоја цена да не се дозволи отворањето на овој рудник.

Што се случува со рудникот, што велат вашите сознанија? До каде е во моментов постапката за отварање на рудникот за злато Иловица-Штука?

Градежни активности на терен нема. Концесионерот спротивно на преземените обрврски и рокови од договорот, поради непотполна документација, се уште нема обезбедено дозвола за работа. Нивните сегашни активности се вршење невидена пропаганда и заплашување на локалното население, поткупување на поединци и институции преку давање донации како и финансиски средства во замена за подршка на нивниот криминален проект, ширење на лаги и обид за дисквалификација на нас еко-активистите. Имаме дојава дека тие имаат ангажирано позната консалтинг фирма од Британија, чија специјалност е неутрализирање на отпорот меѓу месното население и активистите со примена сите можни средства, со искуство насекаде во светот каде ваквите корпорации си имаат зацртано да остварат огромен профит на сметка на локалното население и животната средина.

Сегашната власт, за време на изборите како опозиција ветуваше запирање на изградбата на рудници на Југоистокот, но се чини ретерира кога станува збор за Иловица-Штука. Каков е вашиот впечаток, и дали имаат слух за вашите барања?

Ние се уште веруваме дека Премиерот ќе си го одржи ветувањето, а доцнењето го сфаќаме како негова презафатеност и внимателност околу овој случај. Нам не ни се прифатливи аргументите дека Премиерот и неговото семејство би требало да живеат тука, па тоа тој би го направил од личен интерес, туку заради тоа што концесионерот не ги испочитувал превземените обврски и рокови од договорот, заради што беше и одземена концесијата на концесионерот Сардич МЦ на рудникот Казандол. Така што и овде очекуваме иста разврска. Тоа што акционери и доверители во Еуромакс Ресурсис (компанијата што треба да го гради рудникот н.з.) се Европската Банка за Обнова и Развој, како и гигантски корпорации од типот на Трафигура, ниту нам, ниту на Владата не треба да бидат никаква пречка затоа што законот мора да важи за сите подеднакво!

Неодамна имаше консултативната средба со Владата, компанијата која треба да го отвори новиот рудник, и експерти во Струмица. Дали бевте дел од таа средба? Кои беа заклучоците?

Да бевме. Ја користиме приликата да ја изразиме нашата благодарност до Владата и до Премиерот лично за покажаниот слух за овој горлив проблем за целиот регион, како и за можноста јасно, гласно и аргументирано да ги изнесеме нашите ставови и факти. Треба да продолжиме со разглобувањето на проблематиката, така да имаме закажано средба кон средината на август. Меѓутоа после консултативниот состанок со Владата, во Домот на АРМ во Струмица од 20ти јули, после убедливиот настап на нас еко-активистите, крајно негативно изненадени од соопштението на Владата, побаравме објаснување од Премиерот за нивниот заклучок од состанокот, за наводната наша согласност на формирање на заедничко мониторинг тело, за кое што не стана ни збор во текот на состанокот. Нити преку личните контакти, нити преку официјалните соопштенија Владата не даде ниту потврда ниту демант на нашето барање. Со цел транспаретност пред јавноста, побаравме транскриптот од претходната средба да биде објавен, како и следните средби да бидат пренесени на некоја од националните телевизии – да се знае кој со какви позиции настапувал и кој што рекол. Нам сето тоа сега ни личи само на театар, затоа што правните служби при владата треба да си постапат според законот, па на тој начин да го решат провлемот, а не од тоа да се прави театар и циркус. Затоа што Владата доцни 2 години со давањето негативен одговор и одземање на концесијата, а според законот тоа требаше да го направат во рок од 30 дена!

Што ќе претставува за овој регион отворањето на рудникот за злато Иловица-Штука? За каков тип на рудник станува збор?

Отворањето на потенцијалниот рудник на смртта Иловица-Штука ќе значи смрт на целиот Струмички Регион. Целосно загадување на подземните и надземните води, почвата, воздухот. Директно уништување на над 1500 ха шуми, смрт за голем број животински и растителни видови, дел од нив ендемски за ова подрачје. Уништување на најмалку 9 античко македонски археолошки локалитети (во склоп на концесискиот простор). Уништување на севкупното земјоделско производство- никој не би сакал да купи токсична храна од загадено подрачје. Отворањето на овој рудник ќе значи развој на тешки и неизлечиви болести кај локалното население – разни видови на канцер, леукемија, белодробни заболувања… Станува збор за Г1 – тешка загадувачка индустрија- за рудник со отворен коп, за користење на најсмртоносните хемикалии – натриум цијанид и сулфурна киселина при лужењето на бакарот и златото од смелените руднички карпи. Само отворениот коп ќе се протега на површина од 300 ха, од рид со висина од 800м.н.в., за 23 години активна експлоатација (колку се планира да изнесува и животниот век на рудникот) со користење на 52 тони АМФО експлозив неделно, ќе добиеме огромна дупка на 100м.н.в.

Покрај секојдневните експлозии, мини земјотреси како и огромна бучава, Струмичката котлина за 23 години ќе биде прекриена со 10 см отровна прашина – полна со смртоносните арсен, стронциум, како и други тешки метали кои сега се заробени длабоко во карпите во планината Огражден. За 23 години ќе го добиеме најголемото вештачко езеро, камено насипна брана со зафатнина од 210 милиони кубни метри, висина на круна од неверојатни 273 метри, полна со отровната и крајно нестабилна јаловина – рекорд на светско ниво. Полуфабрикатот што ќе се добива, ќе се транспортира со 200 камиони дневно преку дотраените локални патишта до најблиската топилница во Бугарија, каде ќе се добива чистото злато и бакар – односно додадената вредност. Р. Македонија ќе добива само мизерни 2% од вредноста на полуфабрикатот како концесиски надоместок, ќе бидат вработени стотина луѓе, повеќето висококвалификувани кадри од странство, додека локалното население ќе ги добие помалиот број на опасни и нискоквалификувани работни места.

Како активисти, кои се идните чекори кои ќе ги преземете за да покажете дека сте одлучни во намерата да го спречите никнувањето на овој рудник?

Деновиве поднесовме официјално усно барање до Министерството за Економија, со неколку прашања на кои ни одговорија писмено, во врска со состојбата за добивање дозвола за работа на потенцијалниот рудник Иловица-Штука. Мораме да признаеме дека коректно и навремено ни беше одговорено на сите прашања, иако на некои и самото Министерство нема одговор. Од добиените материјали кои се официјални документи извлековме заклучоци кои ќе ни бидат основа за покренување иницијатива кај официјалните државни органи за  покренување на истражни дејства со основано сомнение за непочитување на законот од страна на Владата (поранешна и сегашна), како и неисполнување на обврските од договорот кои ги има превземено концесионерот Еуромакс Ресурсис.

Така што, во очекување на следната средба со Владата и концесионерот, која е најавено да се одржи некаде кон средината на август, се подготвуваме за една сеопфатна правна разрешница, паралелно со нашите тековни теренски активности – граѓански собири по населените места, вмрежување и соработка со еколошки здруженија како во Република Македонија, така и во Р. Бугарија и Р. Грција, кои исто така се загрозени од потенцијалниот рудник Иловица-Штука – најголем во југоисточна Европа. Во зависност од развојот на настаните во иднина, не е исклучена и радикализација на протестите – блокади на патишта и граничните премини, како и граѓанска непослушност – заедно со еко-активистите од Бугарија и Грција.

Ј.Ј.