„Бистри умови“ – бесплатно менторирање на талентирани ученици по математика, информатика и физика

Од 7 до 12 август месецов, во Кочани ќе се одржи неколкудневен информатички камп за млади, организиран од Здружението „Бистри умови“.  Талентираните млади луѓе ќе можат дополнително да се подготват за интернационални натпревари по информатика.

Анита Атанасова-Грчев од „Бистри умови“ објаснува дека целта на здружението е да воспостави стабилен механизам за континуирана работа и инвестиција во развојот на таленти во државата. Оттаму, тие организираат бесплатни курсеви, обуки и подготовки за натпревари во областа на информатика, математика и останатите природни науки за ученици кои сакаат да се поткрепат со повеќе знаење, а исто така и помагаат на други здруженија и сојузи од истата област.

„Во нашата држава има доста талентирани деца, но за жал не секое семејство може да издвои за да плаќа дополнителни курсеви“, вели таа.

Атанасова-Грчев истакнува дека како родител на дете кое од мало се натпреварува, а има интерес за информатика, но и математика, секогаш давала сѐ  од себе за на своето дете да му овозможи дополнително учење надвор од училиштето, посета на различни курсеви, подготовки за натпревари, во и надвор од државата.

Таа раскажува дека токму нејзиниот син, со кој живеат во Кочани, веќе пет години ги поминува во посетување на разни курсеви и приватни часови во Скопје.

„Тоа не бара само финансии, туку и време и тропање од една врата на друга за да најдеме соодветен професор. Денес тој е првенец на генерација по информатика и еден од 4-те деца во Јуниорскиот тим по информатика, кои ја претставуваа земјава на интернационалните олимпијади, а минатата година беше најмладиот учесник во историјата на истите“, нагласува Атанасова-Грчев.

„Водејќи се од сето тоа колку средства се потребни и гледајќи многу талентирани деца со желба за знаење и успех, а не можат да си го дозволат сето тоа, дојдовме до идеја да основаме здружение со цел да им се пружи помош и подршка на младите таленти“, вели таа.

Со еден од претходните натпреварувачи по математика, Виктор Симјаноски, кој има постигнато високи резултати и бројни медали на светско ниво, Атанасова Грчев решава да го создаде „Бистри умови“.

Симјаноски, денес живее и работи во Америка, со образование во Massachusetts Institute of Technology (2011), University of Chicago (2013), а работи како Quantitative researcher во Citadel.  Веќе неколку години тој менторира талентирани македонски ученици по математика.

Симјановски за Радио МОФ вели дека кога тој бил ученик, недостатокот од платформи како „Бистри умови“ бил доста поголем, па најголема поддршка добивал од училиштето „Јахја Кемал“, каде тој го завршил своето средно образование.

„Работите се доста подобри 15ина години подоцна, меѓутоа сѐ уште има простор за надоградба. Главниот проблем е во тоа што напредокот доаѓа од спонтани иницијативи од поединци. На ниво на држава и институции работите се горе-долу исти, немаме одржлив долгорочен систем. Што значи ако поединците кои ги водат ваквите иницијативи се соочат со некакви лични или професионални пречки, не би имале ништо“, истакнува тој.

Според Симјаноски, наставниците во земјава,  мислат дека полето за кое ученикот покажува посебен интерес е нешто што се работи на секција во слободното време, кое му преостанува откако ќе ги сработи другите предмети, но додава дека овде е токму спротивното.

„Ова се однесува на спорт, уметност, математика и сѐ останато. Имаме случаи (а и мое лично искуство) кога подготвуваме ученици како дел од национална репрезентација по математика, но тие истовремено мора да се спремаат и за тестови по другите школски предмети“, вели тој.

Понатаму, секако дека постојат разни кампови, клубови и здруженија кои работат систематски со децата. Некои од нив се локални, организирани од универзитети или поранешни натпреварувачи, а подготовките на највисоко, национално ниво се организирани и поддржани од државните институции.

Симјановски додава дека целта на „Бистри умови“ е  да собира финансиски средства, кои потоа може да се користат за одржување тренинг-кампови во соработка со Здружение на Информатичари на Македонија – (ЗИМ), Сојуз на Матемстичари на Македонија (СММ).

„Ваквите активности започнаа во Македонија, но би било одлично да добиеме некаков прилив на средства и од надвор. Доста наши поранешни натпреварувачи имаат изградено успешни кариери во странски компании, па се надеваме дека со нивна инволвираност ќе добиеме поддршка од ваквите компании. Има доста интерес и ентузијазам за работење, и немаме огромни финансиски барања за да постигнеме големи работи, ни треба само почетната ударна каписла“, посочува тој.

Освен Симјановски, „Бистри умови“ веќе имаат воспоставено мрежа од ментори со високо образование остварено на едни од најпрестижните американски универзитети, кои нудат бесплатно менторирање по математика, информатика, физика, но и свое искуство и знаење за запишување на факултет во САД.

Здружението постои веќе два месеца, а талентираните ученици може бесплатно да пристапат до програмата преку brightmindsofmacedonia.com, каде што секој курс, обука и подготовки кои ќе следуваат ќе бидат навремено објавувани.

Дополнително, сите кои волонтерски сакаат да се приклучат кон „Бистри умови“, може да се обратат на електронската пошта info@brightmindsofmacedonia.com.

Ивана Смилевска