Американскиот комичар Бил Козби е ослободен од затвор по укинувањето на пресудата за сексуален напад. Ова набрзо предизвика бројни реакции на социјалните мрежи.
Неговата пресуда од 2018 година за дрогирање и малтретирање на поранешната кошаркарка Андреа Констанд беше поништена вчера.
Судиите изјавија дека имало „повреда на процесот“ од страна на обвинителството, но признаа дека нивната пресуда е невообичаена.
Многумина изразија загриженост дека одлуката може да ги спречи жените да пријавуваат во иднина.
Одлуката „не само што е разочарувачка, туку загрижува и тоа што може да ги обесхрабри оние што бараат правда за сексуален напад во кривично-правниот систем“, изјавија Констанд и нејзините адвокати.
По ослободувањето, Козби напиша на Твитер: „Никогаш не сум го сменил ставот, ниту приказната. Отсекогаш сум ја одржувал својата невиност”.
Десетици жени јавно го обвинија Козби за сексуален напад, но тој беше само кривично суден за инцидентот против Констанд. Неговото осудување во 2018 година нашироко се сметаше како значаен момент во движењето #MeToo.
Во вчерашната пресуда, највисокиот суд во Пенсилванија утврди дека има „повреда на процесот“ затоа што адвокатите на Козби склучија договор со претходниот државен обвинител дека тој нема да биде обвинет во случајот.
Козби беше прогласен за виновен по три точки за непристоен напад против Констанд.
Tаа го запознала во 2002 година кога работела на Универзитетот Темпл во Филаделфија и го опиша комичарот како менторска фигура. Таа подоцна сведочеше на судењето дека Козби ја дрогирал и малтретирал во неговиот дом во 2004 година.
Констанд првпат се појави во полицијата за нападот во 2005 година, но поранешниот државен обвинител Брус Кастор не поднесе кривична пријава.
Во 2014 и 2015 година, десетици жени се појавија со слични обвинувања за дрогирање и напад од Козби. Локалните власти знаеја дека правилата за застареност значат дека тие не можат да ги следат мнозинството од овие обвинувања – но тие повторно го отворија случајот со Констанд и на крајот го обвинија само неколку дена пред да истече 12-годишното ограничување на нејзините наводи.