Библиотека на тркала за бегалците во Грција во која децата се чувствуваат како дома

Додека волонтирале во бегалските кампови во Грција, Лора Самира Науде и Естер тен Зијтхоф сфатиле дека луѓето кои ги среќавале имале потреба од нешто повеќе од храна и засолниште: сакале да учат, да работат на нивната иднина и да добијат чувство на значење во животот.

Науде и Зијтхоф биле одлучни да обезбедат мирно место, покрај вознемиреноста и неизвесноста, во кое луѓето можат да го искористат своето време. Тие две одлучиле да ја подигнат Образовната заедница за надеж и можности (Echo) и отвориле библиотека на тркала.

Пријатели од Лондон и Белгија ги собрале потребните средства и набавиле старо комбе со полици и компјутерски пултови за интернет врска, потоа возеле до Грција. Двете активистки потоа побарале книги на арапски, курдски, фарси, француски, грчки и англиски јазик, полека пополнувајќи ги полиците, конечно отворајќи ја библиотеката во ноември.

Досега имаат околу 1.300 книги, дел од нив ставени во багажникот бидејќи не ги собира во внатрешноста на комбето, со околу 115 читатели неделно во просек. Досега позајмиле 904 книги.

„Многу книги загубивме попат, затоа што некои неизбежно не се враќаат, а понекогаш, особено со книгите за учење јазици, дозволуваме луѓето да ги задржат и да направат копии за да се справиме со побарувачката“, вели Зијтхов во текстот на Гардијан.

Посетителите седат или внатре во комбето, или на плажите наоколу, во зависност од времето.

„Зимата, на голем студ бевме во Солун, комбето некогаш беше потопло од шаторите и луѓето доаѓаа внатре за да се згреат“, вели Зијтхов додавајќи дека сега, во летниот период, читателите најмногу доаѓаат на ноќни сесии. „Комбето често ни се претвора во транспортно средство за забава, сепак се трудиме да ги задржиме сесиите за читање мирни“, објаснува таа.

Кога властите не дозволуваат пристап до бегалските кампови, тие го паркираат комбето надвор и ги информираат луѓето, иако често тоа им се оневозможува без предупредување.

Сепак, тие кои доаѓаат во библиотеката уживаат во неа, додека децата се чувствуваат како дома. Професор по економија од Сирија ги преведувал неговите дела на англиски, додека младите Авганистанци, кои сакале да научат англиски, почнале со неформални часови. Оние кои го напуштаат кампот дури донираат и свои книги.

Во иднина, Зијтхоф и Науде имаат големи надежи за нивната библиотека на тркала, кои ја управуваат без плата, со помош од неколку волонтери.

„Кога го почнавме проектот, имавме визија за копирање на концептот на библиотеката во повеќе региони во Грција. Бараме луѓе на кои би им го предале проектот бидејќи многу волонтери и организации, не само во Грција, туку и во Србија, Италија, Палестина и Либан, сметаат дека таквиот концепт би функционирал. Дури и да не сме оние кои го почнуваме, се надеваме дека концептот ќе се шири“, вели Зијтхоф.