Бетовен за прв пат пред Моцарт во анкета за најпопуларен композитор на светот

За прв пат во историјата, Бетовен „го победи“ Моцарт и ја доби титулата најпопуларен композитор, во годишната анкета спроведена од Classic FM. Композиторот има 19 дела во топ 300 листата, меѓу кои три се во топ 10, во споредба со 16 композиции на Моцарт на истата листа.

Двајцата композитори биле заедно изгласани за најдобри три пати претходно.

„Откако прв пат беше спроведена Classic FM Hall of Fame анкетата во 1996, Моцарт беше на прво место, сѐ до денес. Мислам дека новата позиција на Бетовен како најпопуларен композитор има врска со филмовите, како оскаровскиот The King’s Speech, кој ја искористи неговата Седма симфонија. Но, неговата музика е толку универзално популарна, што ако одите на било која улица во било кој град во било која земја во светот, некој ќе ги знае делата на Бетовен“, вели презентерот на Classic FM, Џон Сашет.

Анкетата е спроведувана од радиото во последната 21 година, а годинава на неа одговориле 170000 гласачи. Станува збор за најголема јавна анкета која се однесува на класичната музика.

Извор: Guardian