Бесплатно кино, театарски претстави и изложби во Скопје на вечерашната Бела ноќ

Со театарски претстави во неколку скопски театри и филмски маратон во Кинотека на Македонија  вечерва ќе биде одбележан утрениот државен празник, Денот на независноста.

Во Кинотеката на Македонија ќе се одржи проекција на три филмови – „Лазар“, „До балчак“ и „Три дена во септември“. Воедно, ќе се одржи и изложба на филмски плакати „25 години филм во независна Македонија“.

Македонскиот народен театар празникот ќе го одбележи со бесплатен влез на претставите „Парите се отепувачка“ од 18 часот и „Свадбата на Фигаро“ во 23 часот.

Во Драмски театар пак, во 20 часот бесплатно ќе се одигра претставата „Госпоѓица Јулија“ на Театар Фабрика, додека во Театарот за деца и младинци ќе биде прикажана „Македонска приказна“.

Музејот на современа уметност, во соработка со „Македокс“, ќе одржи прикажување на три креативни документарни филмови. Филмскиот документарен маратон ќе почне во 18 часот со филмот „Багери – тони страст“ (Швајцарија, 2011, 12’ 30’’) на режисерката Корина Швингрубер. Потоа следуваат филмовите на „Бабички на револуцијата“ (Словенија, Македонија, Куба, Холандија, 2006, 96’) на режисерката Петра Селишкар и „Историја на готвењето“ (Словачка, Чешка, Австрија, Финска, 2009, 88’) во режија на Петер Керекеш.

Во Младинскиот културен центар ќе се одржи промоција на новиот мурал на фасадата на зградата, како и настап на бендот The Membranes од Англија, со почеток од 21 часот.

Во Музеј на Град Скопје ќе се одржат три изложби: изложба по повод 106 години од раѓањето на Мајка Тереза и нејзиното прогласување за светица, изложба на слики на авторката Викторија Поповска, како и постојани музејски поставки: постојана археолошка изложбена поставка во Археолошката сала и изложбата посветена на Скопскиот земјотрес. Музејот ќе биде отворен во текот на цела вечер и влезот за сите посетители е слободен.

Културно информативниот центар ќе ја постави ликовната изложба UNIVERSE AS INTEGRITY ALLUSION на ликовните уметници Шкипе Мехмети, Дита Старова Керими и Зарије Амдиу, од 10 до 22 часот во Изложбен салон- Империјал 1, како и ликовни дела од Колекцијата на ЈУ Културно информативен центар од 10 до 22 часот во Изложбен салон-Империјал 2.