Бернајс пропаганда, Ареа и Дивизија со настап на „Д Фестивал“ во Дојран

Бернајс пропаганда, Ареа и Дивизија се приклучуваат кон програмата на Д Фестивал чие четврто издание ќе се одржи на 26. јули. Локацијата останува иста, паркингот Гранит во Дојран.

Бернајс пропаганда, Ареа и Дивизија со настап на Д Фестивал во Дојран

Досега е потврдено и учеството на „Стерео Ем-Си’с“ и „Стринг Форсис“, на кои им се придружуваат трите музички групи од домашната сцена.

По турнејата во С.А.Д. и настапот на најдобриот европски фестивал „Егзит“, препознатливиот бунтовен звук и социјално ангажирана музика на Бернајс пропаганда ќе се слуша и во Дојран. Бендот кој веќе го потврди својот статус како еден од најдобрите нови бендови во регионот, наметна нови стандарди за инди-музичарите, го привлече вниманието и на странските критичари, па неодамна беше одреден и меѓу 20те најдобри актуелни постпанк групи на целиот свет! „Бернајс Пропаганда“ своите длабоки корени ги има во „DIY“ хардкор сцената, зад себе има одржано повеќе од 300 концерти ширум светот, а во мај годинава ја заврши и својата прва голема музичка турнеја низ САД со повеќе од 40 концерти.

Рок бендот Ареа, оформен во 1991 година во Гостивар, уште на почетокот на својата кариера го привлече вниманието на музичката јавност. До сега имаат објавено шест албуми, голема база обожаватели и се бенд кој веќе има свое место во современата антологија на македонската рок музика.

Хип-хоп звукот на фестивалот доаѓа со колективот Дивизија во состав: Кискин, Хроник (Chronic), Бандит, Фарс (Farse), Скептик и Киндер. Овој колектив од Струмица твори веќе цела деценија, период во кој има изработено албум во 2005 година “Моќна постава”, а потоа Кискин во соработка со „Реалити Рекордс“ се појави со соло албумот „Структура на културата“ и во соработка со „Шурикен Рекордс“ во 2012 уште еден соло албум „На пат кон дома“. Во април годинава го објавија својот нов албум „Втора шанса“, а наскоро се очекува и објавувањето на посебниот проект на Хроник заедно со Ел’Борачо (El’Borracho) од „Да Титаниум“ (Tha Titanium) насловен „Од каде доаѓам“.