Бендкемп забрани музика генерирана од вештачка интелигенција

Во блог-објава од 13 јануари, со наслов „Keeping Bandcamp Human“, музичката платформа  Бендкемп (Bandcamp) ги претстави своите нови насоки за генеративна вештачка интелигенција (ВИ). Компанијата наведе дека секоја музика „генерирана целосно или во значителна мера од ВИ“ повеќе нема да биде дозволена на платформата, како и дека имитирањето на делата на други уметници со помош на ВИ е „строго забрането“.

Oвој чекор, како што соопшти, го презема со цел да ја заштити својата заедница на независни музичари, а воедно да ја зачува довербата на корисниците дека музиката што ја наоѓаат на платформата е навистина создадена од луѓе.

Платформата нагласи дека „го артикулираме нашиот пристап кон генеративната вештачка интелигенција за музичарите да можат да продолжат да создаваат музика, а фановите да можат да ѝ веруваат на музиката што ја наоѓаат на Бендкемп“.

Во соопштението се објаснува и дека корисниците ќе можат да пријавуваат содржини за кои сметаат дека се генерирани од ВИ, користејќи ги алатките за пријавување. Платформата го задржува правото да отстрани музика за која смета дека е создадена со генеративна ВИ, иако не дава прецизна дефиниција за тоа што се смета за „значителен дел“.

Платформата наведе дека насоките се мотивирани од „огромната количина човечка креативност и страст што уметниците ја изразуваат на Бендкемп“.

„Со оваа политика, човечката креативност ја ставаме на прво место и ќе се погрижиме навремено да ги соопштуваме сите измени на политиката, како што брзо се развива просторот на генеративната вештачка интелигенција. Ви благодариме.“

Оваа политика претставува еден од најјасните ставови против генеративната вештачка интелигенција од страна на голема платформа за дистрибуција на музика. Таа доаѓа во време на пошироки дискусии во индустријата за тоа како да се постапува со ВИ-содржини, вклучително и дебати на други сервиси околу означувањето, модерирањето и интелектуалните права.

Стриминг-сервисот Дизер (Deezer) во јули минатата година откри дека 28% од музиката додадена на оваа платформа е целосно генерирана од ВИ.

Минатиот месец, издавачката куќа FAMM остро реагираше на ВИ-песна што го „клонирала“ гласот на пејачка од лабелот, истакнувајќи: „Не можеме да дозволиме ова да стане новата нормалност.“

Во ноември, како што јави Djmag, ВИ-платформата Суно (Suno) генерира количина музика еквивалентна на целиот каталог на Спотифај (Spotify) — на секои две недели.