Белград: Филозофскиот факултет се закани дека ќе брка студенти поради блокадата

Откако пред две недели заврши блокадата на Филозофскиот факултет во Белград, управата на факултетот сооопшти дека поднесува дисциплински пријави за десет студенти, соопшти Самоорганизираното студентско движење. Претходно, деканот на факултетот, Милош Арсенијевиќ се обврза да ги исполни клучните барања на студентите, кои речиси два месеца го блокираа Филозофскиот факултет.

Во соопштението се вели дека студентите на кои им биле упатени дисциплинските пријави, им се заканува исклучување од факултетот, а во „најдобар случај, нивното понатамошно студирање ќе биде значително отежнато“.

„Дисциплински пријави се поднесени против десет случајно избрани студенти од Филозофскиот факултет, а единствена вистинска причина за тоа е бидејќи овие студенти се бореа за подобро образование“, пишува во соопштението на студентите.

Првите четири дисциплински пријави ги поднеле професорот и продеканот за финансии Василије Гвозденовиќ и секретарот на Филозофскиот факултет, Слободан Иванежа, врз основа на тоа дека тие претрпеле вербално и физичко насилство, велат од самоорганизираното движење.

Во тужбата се наведува дека студентите на 23 октомври „предизвикале или учествувале во тепачка во просториите на факултетот“, но според студентското движење, постојат сведоци и видео снимки кои покажувале дека обвинувањата се неосновани.