Беки Хемон стана првата жена која предводеше НБА екипа

Синоќа во светот на кошарката беше испишана историја откако Беки Хемон стана првата жена која како главен тренер предводеше НБА екипа.

Таа застана на чело на тимот на Сан Антонио Спарс откако актуелниот тренер Грег Поповиќ беше исклучен на дуелот против Лос Анџелес Лејкерс.

Хемон, која е дел од тренерскиот тим на Спарс, вели дека не знаела дека ќе биде назначена за главен тренер доколку Поповиќ напушти натпревар, сè до моментот кога синоќа по исклучувањето тој се свртел кон неа и ѝ рекол „Го можеш ти тоа“.

„Секако дека е голема работа, суштински момент. Искрено во тие моменти само се трудев да победиме на мечот. Се трудам да не мислам на големата слика и големиот аспект бидејќи тоа предизвикува огромни емоции“, рекла Хемон која е еден дел од тренерскиот тим на Поповиќ.

Хемон 16 години играше во женската НБА лига, а стана прва жена дел од тренерски тим кога се приклучи на Спарси во 2014 година како помошник тренер.

„Секако дека имам високо мислење за неа, поради тоа и ја вработив. Сè почна кога ја видов како игра. Таа беше лидер, сите во тимот реагираа на неа. Беше самоуверена, со силен натпреварувачки дух и го предводеше целото шоу. И пред да ја вработиме, кога имавме средби, сфативме колку многу знае за играта, нејзини инстинктивни чувства за тоа како се победува и како се губи“, вели Поповиќ за Хемон.

„Прекрасна работа е кога можете да слушнете како повикува акции. Честитки за неа и честитки за лигата“, рекол по мечот Леброн Џејмс, еден од најдобрите НБА кошаркари и дел од противничкиот тим на Лејкерс.