Барометар на корупција за август: Истече рокот за измена на Кривичниот законик, се открија сомнителни набавки и нефункционални ВИ проекти

Во август истече рокот на Собранието за корекција на спорните одредби од Кривичниот законик. Истражувања покажаа дека во десетина општини само една фирма добила половина од вкупните набавки за 2024 година, а Фондот за иновации финансирал 48 нефункционални проекти за вештачка интелигенција вредни над 6 милиони евра. Институциите постапија по неколку случаи на злоупотреба. Ова се дел од настаните издвоени во Барометарот на корупција „Бистро-Матно“ за месец август, спроведуван од „Транспаренси Интернешнл-Македонија“.

Како што пишува во Барометарот, иако беа најавени да се вратат поголемите казни за корупцијата во Кривичниот законик до изборите, тоа не се случи. Уставниот суд на 12 февруари со мнозинство гласови одлучи да поведе постапка за уставноста на измените на Кривичниот законик, со кои во 2023 година се изврши упад во судството за поранешни функционери да се ослободат од обвиненија за корупција.

„Пред да ги укине или поништи измените, Уставниот суд прво му испрати извештај на Собранието дека има сомнеж во уставноста на законот. Судот му даде на Собранието рок да интервенира и да ги смени спорните одредби, односно за 6 месеци да ги врати избришаните казни за корупција, со кои застареа сите предмети на поранешното СЈО, а обвинетите беа амнестирани и граѓаните им исплаќаат сега стотици и стотици илјади евра за адвокатски трошоци“, потсетуваат од „Транспаренси Интернешнл“.

Како што истакнуваат оттаму, во случај Владата и Собранието да не го стори тоа, во Уставниот суд требаше да се направи реферат за укинување или поништување на тие одредби, или на целиот закон за изменување на Кривичниот законик, кој се донесе на трети септември 2023 година. На 12 август истече рокот од максимални 6 месеци кој Уставен суд му ги даде на Сoбранието за да ги коригира спорните законски одредби за изменување и дополнување на Кривичниот законик.

Од друга страна, најновото истражување спроведено од Центарот за граѓански комуникации покажува дека осумдесетте општини и Градот Скопје во минатата година склучиле вкупно 4.006 договори за јавни набавки во вредност од околу 190 милиони евра, а во десетина општини само една фирма добила половина или повеќе од вкупниот број јавни набавки.

Од Центарот потенцираат дека има десетина општини во кои само една фирма има добиено половина од вкупните набавки на општината за 2024 година. Тука се набројани општините Желино, Дојран, Врапчиште, Струмица, Бутел, Крушево, Старо Нагоричане, Зелениково, Липково, Могила, Арачиново, Босилово и Виница.

Фондот за иновации, пак, финансирал 48 проекти за вештачка интелигенција вредни над 6 милиони евра, а ниту еден не функционира. Ова го утврди Државниот завод за ревизија кој изврши ревизија на информациските системи со цел да оцени дали јавниот сектор е подготвен за користење на вештачка интелигенција во своите активности и нотираше низа пропусти и недоволен развој на ВИ во државата и во јавниот сектор.

Од ДЗР велат и дека ЈП „Национални шуми“ се заглавени во долгови. Со кредити исплаќаат плати, а вработени не ги извршувале задачите согласно договорот.

„Во извештајот пишува дека претпријатието има акумулирани обврски од над 17 милиони евра и постојана зависност од револвинг краткорочен кредит за исплата на плати поради што претпријатието се соочува со сериозни финансиски тешкотии, намалена ликвидност и ризик за одржливост на работењето“, потенцираат од „Транспаренси“.

Исто така, од ДЗР утврдија и дека има нефункционални објекти и реквизити, затворен Аква парк, неизвесност околу иднината на соларниот систем и пропуштени можности за дополнителни приходи во ревизијата на Друштвото за изградба, управување и издавање на повеќенаменската сала „Борис Трајковски“ за 2023 година.

Понатаму, според податоците од Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), 577 институции ги пријавиле возилата во ДКСК, а над 900 сè уште не го сториле тоа.

„Матен“ настан е и предметот по кој Антикорупциската комисија постапуваше по сопствена иницијатива, а се работи за лице кое извршувало две неспојливи функции во Битола, платило глоба, но не се откажало од една од функциите.

Како „бистар“ настан во месец август од „Транспаренси интернешнл“ ја издвојуваат кривичната пријава која СВР Скопје ја поднесе против двајца поранешни директори на АД Пошти за злоупотреба на над 32 илјади евра.

Според сознанијата од истражните дејствија, пријавените во текот на 2023 година не извршиле должен надзор врз работењето на подредените раководители, со што овозможиле набавки спротивно на Законот за јавни набавки. Наместо дозволената граница од 24.000 евра, биле реализирани набавки во вкупен износ од 56.546 евра, со што е надминат законскиот праг за 32.546 евра“, пишува во Барометарот.

Исто така, Државното јавно обвинителство поднесе обвинение против осуммина, шест полицајци за примање поткуп за незаконски престој на странски државјани.

Виш полицаец, пак, е обвинет за давање поткуп на колега на ГП Долно Блаце.

„Според истрагата, во февруари и март годинава, пријавениот понудил и дал поткуп на друг полициски службеник вработен на граничен премин Долно Блаце со цел тој да не ја изврши својата службена должност. На овој начин, евиденцијата за влез во државата на македонски државјанин била прикажана како влез на турски државјанин“, појаснуваат од „Транспаренси“.

Од „Транспаренси Интернешнл-Македонија“ велат дека продолжуваат да ја спроведуваат редовната месечна активност за следење на случаи и дејствија поврзани со коруптивни однесувања и борбата против корупцијата, што ја нарекоа „Бистро-Матно“.

„Следењето на овие случаи има голем одзив, како во јавноста, така и меѓу домашните и странските чинители и со текот на времето прерасна во релевантен показател на корупцијата и на волјата на државата да се справува со овој проблем. На овој начин, сите заедно придонесуваме за поголема свест за овој проблем во општеството во целина“, посочуваат тие.

Барометар на корупција за јули: Две обвиненија за првата антикорупционерка, „стари болки“ во извештај на ЕК и сериозни системски слабости