„Балкански поетски Вавилон“ во ДПМ

Друштвото на писателите на Македонија, во пресрет на одбележувањето на 70-годишнината од своето формирање денеска ја почна манифестацијата „Балкански поетски Вавилон“.

На првото издание на манифестацијата настапија триесетина 30 поети, членови на Македонската писателска асоцијација, а се читаа и стихови на десет истакнати поети од Балканот, добитници на наградата „Книжевно жезло“.

Од домот на македонските писатели беше испратена поетска порака дека различните јазици на кои пишуваат авторите се слеваат во универзалниот јазик на поезијата, со кој се надминуваат сите бариери на патот кон разбирањето, толеранцијата, соработката, меѓусебното запознавање и зближување.

Поетската порака ја испрати професорката Кристина Николовска која најави стихување на повеќе јазици на Балканот.

„Растеме и се запознаваме низ балкански антологии, фестивали, настани, препеви, повеќејазични избори. Расте и поетскиот Балкан-низ нас“, истакна Николовска.

Свои стихови читаа Трајце Кацаров, Марта Марковска, Иван Антоновски, Владимир Мартиновски, Делвина Керлуку… Се читаа и стихови, во оригинал и во препев на македонски, на поетите Костас Асимакопулос (Грција), Алеш Штегер (Словенија), Сретен Перовиќ (Црна Гора), Садик Бејко (Албанија), Петар Караангов (Бугарија), Адам Пуслоиќ (Србија), Абдулах Сидран (Босна) и Анте Стамаќ (Хрватска), сите добитници на наградата „Книжевно жезло“ кое за творечки опус ја доделува ДПМ.