Балкански парадокс: сите студираат, а знаењето го нема никаде

Во последните неколку години во балканските земји се забележува пораст на бројот на студентите запишани на факултет, кои на крајот не можат да го понудат потребното знаење на пазарот на труд или едноставно завршуваат во бирото за вработување, покажа истражувањето на агенцијата Анадолија.

Според податоците на агенцијата за статистика на Босна и Херцеговина, во зимскиот семестар оваа академска година, на тамошните универзитети се запишале 115.723 студенти, од кои 102.357 студенти се запишани на сите години на студии, а 13.366 се апсолвенти.

Исто така, во БиХ во 2012 година дипломирале 18.279 студенти, што е за 2,5 проценти повеќе отколку во 2011 година.

Професорката Ламија Тановиќ од Природно-математичкиот факултет во Сараево за агенцијата Анадолија изјави дека во БиХ не постои средена приемна политика на факултетите.

„ Од војната, не постои средена приемна политика, бидејќи студентите се запишуваат непланирано на универзитетите во Сараево како и во другите градови. Кантон одредува колку ќе бидат запишани, особено сега кога и факултетите го добиле правото да запишуваат студенти. Нема заедничка соработка и се запишуваат онолку студенти колку што Кантонот ќе одлучи, а тоа е веќе застарен систем. Едноставно, немаме развиена приемна политика која би дала квалитетен и потребен човечки капитал“, рече Тановиќ.

Исто така, додава дека во последните години се отвараат многу универзитети кои немаат потребен стручен и квалификуван кадар. Тие, рече таа, не отвараат смерови за егзактни науки, туку повеќе општествени и менаџерски смерови.

„ Во последните години имаме и голем број на приватни универзитети, кои не допринесуваат за зголемувањето на знаењето и вештината на студентите. Моментално имаме околу четириесет и пет универзитети или факултети од кои само осум се државни. Имаме премногу студенти на општествените науки и економија, додека пак многу малку се оние кои се заинтересирани за медицина, физика и егзактните науки“, истакна Тановиќ.

Исто така, и во Хрватска е зголемен бројот на студенти кои се одлучуваат да се запишат на некои од високо образовните институции во земјата.

Според податоцита на Државниот завод за статистика на Хрватска, во зимскиот семестар во академската 2011/2012 година на високото образованите институции во сите години на студии се запишани вкупно 152.857 студенти, што е за 2.8 процент повеќе во однос на минатогодишниот зимски семестар.

Уделот на студентките е 56,8 проценти и не е значително променет во однос на академската 2010/2011 година.

Според податоците на Заводот за статистика на Црна Гора, во зимскиот семестар во академската 2012/2013 година на додипломските студии се запишале вкупно 22.279 студенти, што е за 0,23 проценти повеќе во однос на зимскиот семестар минатата година.

Уделот на студентките е 53,3 проценти. Од вкупниот број запишани студенти, 81,9 проценти се на Универзитетот на Црна Гора.

Студентската популација на Србија во учебната 2010/2011 година, според податоците на Републичкиот институт за статистика, вкупно студенти се 228.531.

Студентките се 55,6 проценти од студентската полулација. Скоро 21.000 студенти или девет проценти од студентската популација се постари од 30 години. Нешто повеќе од еден процент од студентите се постари од 40 години, додека пак најстариот регистриран студент има 81 година.

Според податоците на Заводот за статистика на Македонија, во академската 2012/2013 година се запишани 56.906 студенти. Од нив 31.005 се студентки, односно 54,5 проценти од студентската популација. Поголемиот број од студентите односно 86,8 проценти се запишани на државните високо образовни институции, додека 12,7 проценти се запишани на приватните, а 0,5 проценти на Теолошки факултет.

Професорката Тановиќ вели дека во балканските земји не постои добра комуникација и соработка помеѓу универзитетите и бизнисот, како што е тоа применето во пракса на Западот.

„ Денес не постои добра соработка помеѓу универзитетите и пазарот на труд, бидејќи имаме голем број на студенти кој дипломираат и немаат вработување. Во поранешна Југославија постоеше совет на професори каде што фирмите имаа свои претставници. Секоја година тие даваа совети и препораки како заедно би одредиле кој човечки кадар е најпотребен на пазарот на труд. Меѓутоа, од крајот на војната, имаме проблем бидејќи не постои договор и соработка помеѓу универзитетите и компаниите, така да непланирано се едуцираат новите генерации на студенти. Очигледно е дека веќе постоечкиот систем не функционира, бидејќи на бироата за вработување чекаат на ред илјадници луѓе со универзитетска диплома“, изјави босанската професорка.

Извор: Магазин плус