Австралија ќе дозволи препишување МДМА и псилоцибин за третирање ментални нарушувања

По долги години на „демонизација“, психијатрите во Австралија од јули оваа година ќе можат да препишуваат МДМА и псилоцибин. Ваквата одлука ја потврди Управата за терапевтски производи на Австралија, укажувајќи дека МДМА и псилоцибин ќе останат забранети за широка употреба, но сепак ќе можат одредени пациенти од овластени психијатри да ги добиваат за посттрауматско стресно нарушување и тешка депресија, пренесува Гардијан.

„Ова е добредојден чекор од она што беше демонизирање со децении“, вели доктор Дејвид Калдикот, клинички виш предавач во Австралискиот национален универзитет.

3,4-метилендиокси-метамфетаминот (МДМА) е попознат и како состоен дел од екстазите, додека псилоцибинот е психоделик кој најчесто се наоѓа во т.н. магични печурки.

Не е тајна дека се користеa експериментално, социјално и терапевтски до пред неколку децении, пред да бидат криминализирани.

Екстазито беше развиена како потиснувач на апетит во 1912 година, а во 1970-тите почна да се употребува во терапевтски сесии во САД. Влезе во Австралија во 1980-ите како „дрога за журки“, па беше криминализирана во 1987 година.

Многу видови магични печурки растат во Австралија, но нелегално е да се поседува или да се биде снабдувач на псилоцибин.

Сега, доктор Калдикот потенцираше дека станало доста јасно дека контролираното снабдување и на МДМА и на псилоцибин може да има драматични ефекти врз состојбите кои често се отпорни на современиот третман, а особено ќе им користи на  лицата што се враќаат од австралиските одбранбени сили.

„Покрај јасната и еволутивна терапевтска придобивка, ова исто така нуди шанса да се достигне чекорот со децениите изгубени можности на навлегување во внатрешноста на човечкиот ум, напуштени долго како дел од лошо замислена, идеолошка војна против дрогата“, потенцира доктор Калдикот.

Когнитивниот невропсихолог, професор Сузан Росел, од Центарот за ментално здравје на Свинбурн, рече дека сè уште има „значителен степен на претпазливост“ во врска со одлуката и дека е потребно дополнително истражување.

Росел е истакнат истражувач на најголемата студија во Австралија за ефикасноста на псилоцибин за депресија отпорна на третмани.

„Немаме податоци за долгорочните исходи, што е една од причините зошто го правам моето големо истражување“, рече таа.

Д-р Стивен Брајт, виш предавач и директор за психоделични истражувања во науката и медицината на Универзитетот Едит Кауан, рече дека оваа одлука ја прави Австралија „првата земја во светот што официјално ги признава МДМА и псилоцибинот како лекови“.

„Ова е важен чекор во реформата на политиката за дроги“, рече тој, додавајќи дека е потребна опсежна обука за овластените психијатри што ќе ги препишуваат.

Тој нагласи дека ваквата најава, исто така, може да доведе до тоа повеќе луѓе да пристапат до дрогите нелегално.

Во соопштението, Управата вели дека одлуката го признава „тековниот недостаток на опции за пациенти со специфични ментални болести отпорни на третман“.

„Тоа значи дека псилоцибин и МДМА може да се користат терапевтски во контролирана медицинска средина. Меѓутоа, пациентите може да бидат ранливи за време на психотерапијата со помош на психоделик, што бара контроли за заштита на овие пациенти“, нагласија од Управата.