Апликација „Мој глас“ за полесно договарање меѓу учениците и наставниците

„Мој глас“ е интерактивна платформа, во форма на веб-страница и мобилна апликација, со цел да ја зголеми комуникацијата во училиштата. Средношколците да се информираат со еден клик, да дадат предлог, пријават проблем, започнат петиција, а наставниците и раководителите да ги консултираат и се договорат за промените и одлуките во училиштето. Наместо учениците да бидат пасивни набљудувачи, да се охрабрат и адресираат проблем. Активно да бидат влучени за прашања од нивен интерес.

Онлајн апликацијата „Мој глас“ денеска беше промовирана во „Јавна соба“. Се работи за платформа која почетно се спроведува во скопското средно училиште „Георги Димитров“.

Алатката е креирана од Лидери за едукација, активизам и развој (ЛЕАД), чиј извршен директор Иван Јованов рече дека сосема случајно, почнале да работат со неколку училишни заедници. Низ цел муабет со учениците, постојано слушале „нас професорите не не’ слушаат, нашиот глас не е важен, не ни даваат да зборуваме…“

„Цело време се жалеа. Од друга страна, не добивавме одговори кога ги прашавме: ‘А што правите вие во однос на тоа, превземате ли нешто?’. Се одлучивме тоа да го промениме. Направивме национално истражување кое покажа дека 65% од учениците не се вклучени во работата на училишните тела “, рече Јованов.

Смета дека со апликацијата ќе се подобри функционирањето на училиштата. Тврди, нема да застанат тука, само на „Георги Димитров“ и 1.200 ученици. Секој ученик заслужува пристап до оваа алатка.

„Се надеваме дека Министерството за образование и наука ќе ја препознае оваа визија, а алатката ќе се прошири низ цела територија на Македонија, бидејќи потенцијалот е огромен. Oваа платформа може да се надгради и да стане алатка за практикување демократија и градење на активни ученици. Да поттикнува активизам, одговорност и да повикува на соработка“, нагласи Јованов.

На конференцијата, програмскиот директор на ЛЕАД, Илија Станковски ја презентираше самата платформа. Односно, основните можности кои ги нуди на средношколците и персоналот од СУГС „Георги Димитров“.

„Платформата е направена само за училиштето, што значи, не може секој (однадвор н.з.) да се најави. На почетокот, секој ученик добива иста лозинка, но по првото логирање внесува лозинка само која тој ја знае. Има можност за ставање своја слика. Секој има свој профил со корисничко име, односно училиштето, име и презиме и класот“, објасни Станковски, потенцирајќи дека постојат опции за консултирање на училишните структури.

Станува збор за онлајн анкети, предлози, прашања. Опциите се достапни за учениците, но и за професорите и раководството. Пример, наставниците ќе можат да им соопштуваат новост, кога се одржува некој настан, да ги прашуваат и консултираат за културни или спортски активности итн.

Саша Стоименов, директор на „Георги Димитров“, нагласи дека настојуваат да се подготват, и истовремено да ги подготват и учениците „не за утре, бидејќи тоа ‘утре’ брзо доаѓа, туку за светот задутре“.

„Напредокот на технологијата, технолошките процеси се еден дел кој не не’ остава да бидеме инертни. Напротив, мора да се прилагодуваме на новите технологии, а оваа апликација е дел од технологиите. Гледаме како апликациите се помодерни, посовршени, се надевам и оваа апликација многу брзо треба да се усовршува“, рече тој.

На настанот се обрати и Ана Дракиќ, директорката на Проектот на УСАИД за граѓанско учество, кои се партнери на проектот.

„Инвестирањето во иновации и дигитални технологии за унапредување на образованието е од суштинско значење. Исто така, ефикасното користење на технологијата за ангажман на младите луѓе во процесот на донесување одлуки е лекот кон зголемено учество во демократско општество“, посочи Дракиќ.

По официјалниот дел, присутните главно прашуваа околу начините на спроведување на платформата. Се дискутираше за начините како и кој би спречувал можни случаи на говор на омраза и дискриминација, но и околу механизмите за евентуални злоупотреби на информации. „Мој глас“ е отворена за досовршување и понатамошно проширување низ земјата, доколку успешно помине и биде прифатена во „Георги Димитров“.

 

Бојан Шашевски