Антикорупционерите бараат да се гонат сите вмешани во носењето на контроверзниот ДУП кај СЦ „Борис Трајковски“

Членовите на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) одлучија да достават иницијатива до Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција против сите кои биле вклучени во постапката за носењето на ДУП-от за просторот кај СЦ „Борис Трајковски“ во Општина Карпош, од неговото прво усвојување, до неговото укинување по втор пат од Уставниот суд.

Дополнително ДКСК одлучила да достави претставка до Министерството за локална самоуправа за распуштање на Советот на Општина Карпош, согласно членот 75 од Законот за локалната самоуправа.

Станува збор за ДУП-от изгласан во март 2022 година, со кој беше предвидена изградба на бензинска станица на локацијата, што наиде на бројни реакции од граѓанските активисти. Во април овој ДУП беше укинат од Уставниот суд со образложение дека Деталниот урбанистички план не е усогласен со Генералниот урбанистички план, бидејќи предвидува изградба на бензинска пумпа на место планирано за зеленило, домување и комерцијални објекти.

Предметот на ДКСК е оформен во март 2022 година по анонимна поднесена пријава. Информациите до кои дошле антикорупционерите покажале дека Општина Карпош донела два идентични ДУП-ови, кои не се усогласени со Генералниот урбанистички план на главниот град и за кои немало стратегиска оцена за влијание на животната средина.

Според ДКСК, градежната парцела била продадена на компанијата Пуцко Петрол, а откако првиот ДУП бил укинат од Уставниот суд, бил покренат судски спор за изгубена добивка со динамичка метода, иако бензинската станица не била изградена. Во текот на судскиот спор, од страна на Општина Карпош иако требало да достави вештачење за причинско-последичната врска помеѓу штетниот настан и изгубената добивка, ова вештачење било доставено со задоцнување.

Од ДКСК потсетуваат дека првостепениот суд во два наврати носи пресуда во корист на Пуцко Петрол, додека Апелацискиот суд има донесено две суштински различни одлуки од оние на првостепениот суд. Вториот ДУП имал за цел да придонесе за решавање на судскиот спор.

„Врз основа на анализата на кредитната историја на Пуцко Петрол ДООЕЛ Општина Пласница, може да се идентификува сомнителна зделка за продажба на градежно земјиште во централното градско подрачје на Град Скопје, за кое се водат постапки за денационализација“, стои во одлуката на ДКСК.

Советниците од Карпош со 16 гласа „За“ го усвоија ДУП-от, а за оваа одлука гласаа советници и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ и од ГРОМ, додека на седницата не присуствуваа советниците од Левица и Независни за Карпош.

Од Општината тврдеа дека просторот ќе биде наменет за комерцијални и деловни објекти, зеленило и рекреација, спортска инфраструктура, како и бензински пумпи.

Претставници на движењето Независни за Карпош тогаш остро реагираа на процедурата во која се носеше ДУП-от, потенцирајќи дека бензинска пумпа на тоа место, во заштитна зона на бунарски ситем и во близина на гасоводна траса, не смее да има.

„Едно е да се носи ДУП заради содржини од интерес на жителите на општината, а друго е да се носи ДУП во интерес на приватен капитал, а чувството е дека утре ќе се случи токму тоа“, рекоа тогаш од движењето во нивната реакција.