[Анкета] Младите помалку загрижени поради коронавирусот, граѓаните им веруваат на надлежните

Две третини од македонските граѓани изразиле значителна загриженост за себе и своите блиски поради коронавирусот, најчесто се информираат од телевизија и социјални мрежи и сметаат дека се добро или одлично информирани за вирусот, покажуваат податоците од испитувањето на јавното мислење на агенцијата Ипсос.

Според податоците, 77% од испитаниците ја оценуваат заканата од корона вирусот за земјава како умерена и голема, 76% од нив се информираат од телевизиите, а скоро половината од нив (49%) информации бараат и по социјалните мрежи. Повеќето од граѓаните изразиле процена дека се многу добро или одлично информирани за корона вирусот – 69%.

„Од ова може да се заклучи дека граѓаните на Македонија во голема мера се чуствуваат информирани за ситуацијата. Телевизиите секако имаат примарна улога во информирањето на граѓаните, но користењето на неформалните начини на информирање, како социјалните мрежи, укажува дека е потребна зголемена лична одговорност при ширењето на информациите и нивната проверка со официјални извори. Само 16% од граѓаните се информираат од официјалните веб страници на надлежните институции (Институт за јавно здравство, Министерство за здравство, итн), па одговорноста на сите фактори при информирањето треба да биде зголемена“, истакнува Ивица Соколовски, истражувач од агенцијата Ипсос.

Истражувањето укажува дека најранливата категорија граѓани, на возраст од 65+ години, се чуствуваат добро информирани за ситуацијата со корона вирусот. Но од друга страна, младата популација споделува најмала загриженост за себе и своите блиски, истовремено чуствувајќи се најмалку информирани. 42% од нив изјавиле дека се чуствуваат малку или воопшто не се чуствуваат загрижени за себе и своите блиски, со истовремено најнизок процент на испитаници кои изјавиле дека се чуствуваат многу добро или одлично информирани за корона вирусот.

Во врска со тоа како институциите се справуваат со кризата, дури 84% од анкетираните сметаат дека надлежните се справуваат добро или одлично со ситуацијата. 86% од граѓаните изразиле одобрување на информациите кои ги добиваат од надлежните за тековната ситуација со коронавирусот.

„Пропишаните мерки и начините на кои надлежните институции се справуваат со кризата наидуваат на подршка од граѓаните, а мал дел од нив изразуваат мислење дека мерките треба да бидат подрастични. Тоа што младата популација се издвојува според својата (помала) загриженост и својата (помала) информираност од корона вирусот, укажува на потребата на зголемена одговорност која младите треба да ја манифестираат во овие моменти. Но не само младите, туку сите сегменти на нашето општество“, потенцираат од Ипсос.

Истражувањето беше спроведено на национално репрезентативен примерок од 500 граѓани на Република Македонија, во периодот од 13ти до 15ти март, 2020 година. Истражувањето беше спроведено во вид на телефонска анкета.