До кога ќе владее правдата за избраните? Пред локалните шерифи – институциите клекнуваат на колена. Повеќе од една година жителите на населбата Отовица – Велес се принудени да живеат во страв, поради три кучиња од расата американски стафорд бултериер. До денес се регистрирани десетици напади врз домашни миленици и жители, од кои неколку лица се здобиле со тешки телесни повреди, а дел од нападнатите животни починале, реагира Здружението за заштита на животни „Анима мунди“.
Според „Анима мунди“, сите напади се поврзани со ист сопственик – син на вработено лице во Министерството за внатрешни работи.
„Иако случаите редовно се пријавувани и документирани, Министерството за внатрешни работи не презема соодветни мерки, додека Агенцијата за храна и ветеринарство реагира половично, дозволувајќи сопственикот да продолжи да ги чува кучињата“, велат од здружението.
Како што посочуваат од таму, последниот напад се сличил пред два дена, на 22 јуни, кога трите кучиња влегле во приватен двор и ја растргнале мачката Арон до смрт, а кучето Бела се наоѓа во критична состојба со сериозни повреди. Истиот сопственик пред една година го усмртил и претходниот миленик на истата фамилија, известуваат тие.

Фото: Анима мунди

Фото: Анима мунди
Дополнително, како што додаваат од здружението, жртвите кои го пријавиле случајот, биле обвинети за наводни закани по живот од страна на сопствениците на кучињата, што претставува сериозен обид за заплашување и пренасочување на вината.
„Се прашуваме, до кога ќе владее правдата за избраните? Зошто Министерството за внатрешни работи не реагира и покрај бројните пријави? Дали молчат поради ‘татини синови’? Зошто Агенцијата за храна и ветеринарство покрај многубројните наведени случаеви до нив не постапила согласно закон туку овозможила да се вратат кучињата назад кај сопственикот кој било повеќе од очигледно дека не е способен да се грижи одговорно за нив? До кога ќе се премолчуваат случаи на очигледна негрижа и закана по јавната безбедност?“, посочуваат од „Анима мунди“.
Тие бараат Агенцијата за храна и ветеринарство да постапи итно, да ги одземе кучињата и да изрече забрана за чување миленик од страна на неодговорниот сопственик. Исто така, Министерството за внатрешни работи да покрене постапка за загрозување на безбедноста, да се обезбеди еднаква примена на законот, независно од службената положба или врски на сторителите.
„Жителите на Отовица заслужуваат безбедност, правда и институции кои работат во интерес на граѓаните – не по нарачка“, апелираат од здружението.