Анима Мунди се сомнева: Смртта на Орка настанала поради невнимание на вработените

Здружението Анима Мунди изразува сомневање дека смртта на жирафата Орка во скопската зоолошка градина се случила поради невнимание на вработените, а не поради вродена срцева мана како што веќе објавија повеќе медиуми.

Анима Мунди се сомнева: Смртта на Орка настанала поради невнимание на вработените

Според непотврдените информации од граѓани и активисти, од Анима Мунди се сомневаат дека жирафата била оставена без надзор со другите жирафи кои веќе биле донесени во ЗОО Скопје, а кои на Орка и го скршиле рбетниот столб.

„Особено не загрижуваат информациите дека животното се мачело 20-тина часови пред да угине“, велат од здружението.

Тие потсетуваат на изјавата, која за НоваТв ја даде портпаролот на ЗОО Дане Кузмановски, кој кажува дека во последните мигови се направени и ренгенски снимки на карлицата на Орка. Ова, според Анима Мунди е уште една индикација за можната причина за смртта на жирафата.

„Во истата изјава господинот Кузмановски кажува дека Орка бил под постојан видео надзор- очекуваме да тие снимки бидат достапни на увид на надлежните институции, а воедно бараме да ни бидат доставени на нас, како би можеле да ги проследиме и побараме мислење од наши стручни соработници во земјава и во странство“, се наведува во реакцијата на Анима Мунди.

Тие објаснуваат дека машките жирафи ретко се спријателуваат меѓусебе иако се воглавно кротки животни. Во природата на мажјаците жирафи е да се тепаат, понекогаш и до смрт, за да се види кој е водачот. Под такви околности, послабиот бега, или умира.

Во однос на Орка, тој и да сакал, немал каде да избега, зошто е во заробеништво, укажуваат од Анима Мунди.

Жирафата Орка ненадејно почина минатата недела во скопската зоолошка градина каде пристигна во септември 2012 година, кога беше одбележан и неговиот втор роденден. Тој беше единствената жирафа овде, се до пред неколку седмици кога беа донесени уште три млади жирафи, исто како и Орка, донација на Фондацијата „Илија Камчев“.

Според надлежните во зоолошката, ветеринарите направиле испитувања за утврдување на причините за смртта на Орка, а сега се чекаат резултатите од анализите за кои пак е најавено дека ќе бидат готови за една седмица.