Почина младиот Орка, причините за смртта на жирафата допрва ќе се утврдуваат

„Жирафата Орка почина синоќа околу 21:00 часот. Веднаш беа известени надлежни ветеринарни институции, а преземени се сите потребни мерки за утврдување на причините за прераната и за нас изненадувачката смрт на жирафата Орка“, соопштија од Скопската зоолошка градина.

Почина младиот Орка, причините за смртта на жирафата допрва ќе се утврдуваат

Оттаму информираат дека според надлежните ветеринарни институции, анализите за причините за смртта на Орка ќе бидат готови во период од 7-10 дена , по што јавноста ќе биде запознаена со наодите во нив.

„Би сакале да напоменеме дека ЗОО Скопје не останува без жирафа, бидејќи во изминатиов период, со помош и донација  на Фондацијата „Илија Камчев“ се пристигнати три нови жирафи, кои требаше во првите пролетни денови, да бидат изненадување за нашите верни посетители и сограѓани. Но за жал, приморани сме, во овој за нас тежок ден на објавиме една жална  и една утешна вест, дека сепак ЗОО Скопје  и нашите сограѓани  не  остануваат без жирафа“, се наведува во соопштението од ЗОО Скопје.

На веста за смртта на жирафата реагираа и од здружението Анима Мунди.  Оттаму забележуваат дека Орка имал само 3,5 години, додека природниот животен век на жирафите изнесува околу 25 години.

„Укажуваме на неопходоста јасно да се утврди причината за неговата смрт, во јавноста да се кажат податоци за тоа кој се грижел за Орка и кој му укажувал ветеринарна помош и на кој начин. Воедно, дали и на кој начин е набљудувано природното однесување на малиот Орка“, реагираат од Анима Мунди, откаде додаваат и дека податокот оти градот нема да остане без жирафи не е утеха.

Од ова здружение уште еднаш го повторија ставот дека животните не се предмети ниту украс, како и дека нивното место е во дивината, а не во заробеништво.

Орка во зоолошката градина пристигна во септември 2012 година, кога беше одбележан и неговиот втор роденден.