Анима Мунди: Гевгелија најавува убивање на бездомните кучиња

Советот на општина Гевгелија едногласно усвоил програма со која се предвидува ерадикација на животни скитници во Гевгелија, што претставува линч на бездомните кучиња, соопштија од Анима Мунди.

Организацијата реагира дека зборот „ерадикација“ значи потполно уништување и истребување на кучињата скитници на територијата на општината.

„Со оваа Програма општина Гевгелија, на чело со градоначалникот Иван Франгов намерува најгрубо да го прекрши Законот за заштита благосостојба на животните на територијата на Македонија во кој е недвосмислено посочена методата за масовно стерилизирање на бездомните кучиња, нивно вакцинирање, обележување и враќање назад на територијата на која биле заловени (член 28 од законот)“, велат од Анима Мунди.

Тие потсетуваат дека проблемот со прекубројноста на кучињата е проблем кој може да се реши само со масовна стерилизација на бездомните, одговорно сопствеништво (вдомување, стерилизација на кучињата со сопственик) и казни на неодговорните сопственици доколку ги напуштаат милениците.

„Се обраќаме на градоначалникот Франгов итно да го запре овој срамен процес изгласан од Советот на општината со кој би се компромитирал и себеси, и општината. Кучињата во Гевгелија не смејат да се убиваат, зошто убивањето е противзаконито, а воедно никогаш нема да го реши проблемот со бездомние животни – напротив, само го продлабочува проблемот и ги троши парите од буџетот, парите од граѓаните. Се обраќаме на Агенцијата за храна и ветеринарство и директорот Зоран Поповски итно да интервенираат и го спречат најавениот терор, а воедно и да ги ревидираат програмите на сите општини во Македонија за третман на кучињата“, велат од ова здружение.

Документот со кој општина Гевгелија предвидела 300.000 денари за „ерадикација на животните скитници“ е достапен на следниот линк.