Најранливи на економската криза – вработените до 49 години. „Младинската невработеност“ се намалува, но и натаму останува најдлабока. Ковид 19 кризата истисна на површина бројни проблеми и слабости на пазарот на труд. Ова се дел од наодите во анализата „Владино планирање – ефективност на владините мерки за справување со ризиците на пазарот на труд и начинот на планирање на средствата за надминување на истите“, изработена од Државниот завод за статистика, пренесува Порталб.
Кои работници и по кој основ ја изгубија работата поради економската криза
Скоро 4 800 луѓе од преработувачката индустрија останале без работа во ек на пандемијата, а веднаш зад овој сектор со новопријавени невработени е трговијата со речиси 4 500 лица. Новиот ревизорски извештај ги обелодени “црните“ бројки за состојбата на пазарот на труд во земјава во текот на пандемијата, од почетокот на март лани до крајот на август 2020-та. Според податоци што ги добиле ревизорите, 38% од ново-регрутираните невработени доаѓаат само од една дејност – преработувачката индустрија.
Прилив на невработени
Преработувачка индустрија 4 738
Трговија 2 427
Хотелиерство и угостителство 1 031
Административни и услужни дејности 757
Градежништво 643
Транспорт и складирање 541
Извор: ДЗР
Во останатите сектори, како образование, здравствена заштита, информации и комуникации, земјодество, стручни и научни дејности бројот на лица што ја загубиле работата е под 500. Оваа Ковид 19 криза на површина го истисна и проблемот дека најголем дел од вработените биле на определено време. Така, 5 800 луѓе работата ја изгубиле поради истек на договорот за вработување на определно време, скоро 3 000 со спогодбен престанок на работа, речиси 1 500 сами дале отказ, а скоро 1000 биле отпушени од работодавачот. Во овој кризен економски бран најмногу на удар биле луѓето со средно, ниско или без образование. Дури 55,8% од новите невработени се со средно образование, 25,2% се без образование или со ниско образование, а 19% со вишо или високо образование.
Возраст на лица кои изгубиле работа
Од 30 до 49 години 47,7%
До 29 години 23,4%
Над 50 години 20,9%
Над 60 години 8,4%
Извор: ДЗР
Дополнително – на удар најмногу биле оние најработоспособните, лицата од 30 до 49 години и оние до 29 години.
Мерки за вработување – какви се ефектите
Мерките за зголемување на вработеноста преку Акцискиот план даваат резултати, но целта се уште не е постигната – наведуваат ревизорите кои под лупа ги ставија и ефектите од владините мерки за вработување.
„Од спроведената анализа за периодот од 2017 -2019 година утврдивме дека придонесот од имплементацијата на активните програми и мерки кои резултирале со вработувања во однос на бројот на невработени лица (активни баратели на работа) се движи од 4% до 5% на годишно ниво додека процентот на вработени во однос на вкупниот број на евидентирани невработени лица се движи од 2,2% до 2,5%“ – се наведува во извештајот.
Ревизорите го нотираат најголемиот проблем – младинската невработеност која е со најдлабока стапка.
Младинска невработеност
2017 година 39,2%
2018 година 37,0%
2019 година 30,5%
Статистиката бележи намалување на невработеноста, а удел во тоа според ревизорите, имаат активните мерки за вработување.
„И покрај преземените мерки и опаѓачкиот тренд на младинската невработеност се уште се забележува висока стапка на невработеност“ – се наведува во ревизорскиот наод.
Изминатите години беше регистриран тренд на намалување на вкупната невработеност во земјава која пред почетокот на пандемијата дојде на стапка од 17,3% во 2019 та година. Според овој параметар Македонија, освен Грција, е земја во регионот и во однос на земјите од ЕУ со највисока стапка на невработенст. Подобри од нас се Албанија со стапка на невработеност од 12,3% во 2019 година, Србија со 10, 5%, Хрватска со 6,6%, додека просечната стапка на невработеност во земјите од ЕУ изнесувала 6,7%.
Извор: Порталб