АНАЛИЗА: Колку е куповната моќ, а колку е долгот по глава на жител

Просечниот Бруто домашен производ за 2015 година по глава на жител изнесувал 4 401 евро, или со толку пари годишно располагал секој жител на земјава. Заводот за статистика објави охрабрувачки показател, економијата лани пораснала со стапка од 3,7 отсто. Раст има кај потрошувачката, извозот и увозот, но стагнираат бруто-инвестициите кои се сметаат за атрибут во економскиот раст, пишува новата економска анализа на Порталб.мк.

Дали и до кога економијата ќе продолжи да се потпира на градежниот сектор и колку сегашните стапки на расте реално го подбрија животниот стандард?

БДП расте, ама и долговите што ќе се враќаат во иднина….

Политички неизвесната 2015 година заврши со економски раст од 3,7 отсто, главно потпрен на градежниот сектор, кое на ниво на целата година оствари пораст од 16,8%. За разлика од градежништвото, ланската година земјоделството, преработувачката индустрија, јавната управа, одбраната не прикажаат позитивни стапки. Имено, кај преработувачката индустрија, статистика регистрираше пад од 2%, а кај земјоделството -0,7%. Дел од економистите оценуваат дека стапката на раст на БДП е охрабрувачка, но и дека долгорочно градежништвото не може да биде клучниот потпорен ѕид за економскиот раст.

„Добар е растот во градежниството, но повеќето се темели на непродуктивни објекти, а тоа не може да донесе раст на подолг рок. Во другите сектори има пад и тоа е резултат на една неконзистентност на макроекономската политика и состојбите на економиите кај земјите што се наши извозни партнери, секако влијание имаат и други  економски и неекономски фактори“, вели за Порталб.мк универзитетскиот професор Димко Кокаровски.

Според последните обајвени податоци, 2015 година заврши со БДП од 9,1 милијарда евра според расходен метод по тековни цени, или со БДП по глава на жител од  4 401 евро.

Економистите велат дека економскиот раст треба да се анализира преку споредба со другите параметри, односно колку тој раст реално го подбрува животниот стандард, каква е распределбата  и каква е релацијата во односно на задолжувањата, односно дали Јавниот долг е во функција на растот на БДП. Според податоците што ги објави Истражувачкиот центар за информатика при МАНУ, секој жител должи по 2088 евра и ако се направи споредба со куповната моќ, тогаш секој граѓанин раполага со 4 400 евра, а половина од нив се веќе генериран долг.

„Како прво, ова е само јавен долг (и тоа нецелосен, т.е. без вкупните долгови на општините и неплатените обврски на државата), т.е. тука не е вклучен приватниот долг, односно долгот на граѓаните и на приватните фирми. Кога тој би се вклучил, вкупниот долг би пораснал скоро трикратно. На пример, приватниот надворешен долг изнесува отприлика околу 4 милијарди евра. Приватниот домашен долг, т.е. денарските кредити на домаќинствата и претпријатијата, изнесуваат околу 3.5 милијарди евра. Тоа значи дека вкупната задолженост по глава на жител не е 2088 евра, туку околу 6000 евра, што е повеќе од БДП по глава на жител“ вели заПорталб.мк. економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ и додава:

„БДП по глава на жител ја преценува економската моќ на населението. БДП по жител е околу 370 евра месечно, што значи 1500 евра месечно за четиричлено семејство. Колку семејства кај нас имаат месечни примања од 1500 евра? БДП во себе ги вклучува и профитите на фирмите, и амортизацијата која тие ја плаќаат за своите инвестиции, и услугите кои државата им ги обезбедува на граѓаните без тие да плаќаат за нив од џеб (безбедност, здравство, образование). Затоа, постои голема разлика помеѓу БДП и расположливиот доход на населението (т.е. доходот кој што луѓето всушност го добиваат на рака). Расположливиот доход е многу помал, околу 50-60% од БДП, т.е. околу 2500 евра по жител“.

Ако се навлезе во структурата на БДП ќе се забележи дека во споредба со 2014 година, забавување освен на бруто-инвестициите, има и кај извозот и кај увозот. Така, лани извозот прикажал раст од 4,6 отсто, за разлика од 2014 година кога тој раст бил 18,2 проценти. На страната на увозот ланскиот пораст бил 2,4% , а во 2014 имал стапка на раст од 16%. Во структурата на БДП, со удел и натаму предничи финалната потрошувачка, генерирана од државните буџетски политики.

Според дел од економистите, економскиот раст во релација со задолжувањата не е одржлив и сегашните стапки реално не придонесуваат за подобрување на животниот стандард на просечниот граѓанин.

„Подобро е да се гледа низ призма на парите кои што се плаќаат за отплата на долговите. Тие средства се многу пониски. На пример, иако јавниот долг на Македонија во 2015 изнесувал околу 4.2 милијарди евра, за камати на тој долг во 2015 се исплатени 105 милиони евра, т.е. 1.2% од БДП. Или, вкупните отплати за јавниот долг (со главнината на обврзниците и сл.) во 2015 изнесувале околу 470 милиони евра, што е околу 5% од БДП. Слична е сликата и ако се гледа низ призма на домаќинствата. Според Анкетата за потрошувачката на домаќинствата, во 2014 година, македонските домаќинства во просек дале околу 4% од својот доход на отплата на кредити и заеми“, вели за Порталб.мк  економистот Јовановиќ.

Податоците за економски раст во 2015 година ќе подлежат на можна ревизија. Лани, Заводот за статистика ја ревидираше стапката на економски раст во 2014 година од 3,8% на 3,5%. Највисоката стапка на економски раст беше измерена во 2007 година од 6,5%. Тоа е практично и највисокото ниво на измерен економски раст од 1993 та година. Според податоците на надлежните институции, земјава во целиот овој период не успеа да испорача континуирани и одржливи стапки на раст. Имено, во овие  23 години, дури  шест години се во знакот на криза, со негативна стапка на раст.