Американските и британски тајни служби го шпионирале „Викиликс“ и неговите читатели

Тајните служби на САД и Велика Британија ги шпионирале како соработниците на сајтот „Викиликс“, така и неговите редовни читатели, покажуваат новите документи на поранешниот соработник на НСА, Едвард Сноуден, објави порталот „Интерсепт“.

Американските и британски тајни служби го шпионирале „Викиликс“ и неговите читатели

Според овие документи Агенцијата за национална безбедност (НСА) на САД во 2010 година го ставила основачот на „Викиликс“ Џулијан Асанж на списокот на лица, кои подлежат на следење и истрага поради серијата пораки за војната во Авганистан.

НСА, исто така, барала „Викиликс“ да биде прогласен за штетен сајт, за да може да добијат напредни овластувања за акции против неговите соработници. Друг документ од 2012 година, покажува дека британскиот партнер на НСА, Центарот за владини комуникации, исто така, ги шпионирал „Викиликс“, неговите соработници и читатели.

Според новите податоци, Џулијан Асанж, кој доби политички азил и се наоѓа во еквадорската амбасада во Лондон, повика да се именува специјален обвинител за истрага на активностите на тајните служби.

„Викиликс“ остро го осудува несовесното и незаконско однесување на НСА. Бараме админстрацијата на претседателот Барак Обама да именува специјален обвинител за истрага на криминалните активности на НСА во однос на медиумите, вклучително „Викиликс“, неговите соработници и партнери, изјави Асанж.