Јунакот на цртаните филмови Пепе Ле Пју (Pepe Le Pew) може наскоро да исчезне од екраните откако колумнист на Њујорк Тајмс обвини дека преку него се пропагира култура на силување.
Чарлс М. Блоу побара од продукциската куќа Ворнер Брос да се дистанцираат од ликот кој во цртаните филмови игра француски љубовник.
„Погледнете, тој ја граба и бакнува жената која не ја познава, одново, упорно и против нејзината волја. Таа се бори да му побегне, но тој не ја пушта. Ја заклучува вратата за да ја спречи во бегство“, напиша Блоу.
Пепе Ле Пју постојано е прикажуван во цртаните филмови како се обидува да ја освои мачката Пенелопа во која е вљубен, а таа од епизода во епизода ги одбива неговите обиди.
Блоу смета дека тој лик го поддржува наративот на сексуален напад во серија чија целна група се деца и млади.
Колумнистот истовремено вели и дека глушецот Брзиот Гонзалес исто така е проблематичен, бидејќи популаризира расизам кон латиноамериканците и Мексиканците.
Од Ворнер Брос засега не објавиле свој став за пишувањата на колумнистот, сепак овој цртан лик е отстранет од претстојниот филм „Спејс Џем 2“ поради контроверзиите околу неговиот лик, пренесе „Дедлајн“.
Творот веројатно ќе биде минато низ сите медиумски содржини. Варнер Брос нема актуелни телевизиски производи во кои се појавува овој цртан лик, а според извори на медиумот, не се планира ниту негово појавување во идни проекти.