Алијанса „Разбистри се’“: Измените во Законот за минерални суровини ги загрозуваат природните ресурси

Граѓански организации, високообразовни институции и експерти се противат на измените на Законот за минерални суровини кои, како што велат, Владата предлага да бидат усвоени на собраниската седница закажана за наредниот понеделник по скратена постапка, нетранспарентнo, без претходна јавна расправа и вклучување на јавноста. 

Тие реагираат дека предложените законски измени содржат големи пропусти во поглед на заштитата и одржливото користење на минералните суровини како најзначајни природни ресурси на државата.

Оттука, 32 невладини организации, здруженија на граѓани и високообразовни институции од граѓанската Алијанса за застапување и лобирање „Разбистри сѐ” денеска испратија дописи до претседателот на Собранието Талат Џафери, премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Бесими, министерот за кономија Крешник Бектеши и министерот за животна средина Насер Нуредини.

Бараат да го повлечат предлог-законот и да го вратат по редовна постапка. Исто така,  експертската јавност и сите заинтересирани граѓани да бидат вклучени во процесот на усвојување на законот и да им се овозможи да дадат предлози за подобрувања на законскиот текст преку јавно објавување на законските измени на владиниот ЕНЕР систем, со две читања во Собранието на РСМ и одржување собраниска јавна расправа и расправа за консултација со јавноста.

„Измените навлегуваат длабоко во процедурите на добивање и одземање концесии за експлоатација на минерални суровини, се бришат постоечки обврски за барателите на дозволи со кои процедурата станува нетранспарентна и финансиски сомнителна и се овозможува и понатаму ефтина распродажба на националните природни богатства. Исто така, се проширува обемот на минерални суровини кои ќе бидат давани под концесија и се олеснуваат концесиите за ископување на песок и чакал, наместо да се ограничат поради досегашните злоупотреби со кои се уништени многу речни корита и плодни земјишта“, реагираат од Алијансата.

Иако во воведот на предлог-законот стои дека тој само се усогласува со Законот за прекршоци, Законот за услуги и со терминологијата за инспекторите, сепак според Деловникот на Собранието на РСМ предлог-законот не може да се донесе во скратена постапка зашто е обемен и сложен со дури 75 членови.

„Дополнително, предлог-законот не може да се донесе пред да бидат донесени измените на Законот за прекршоци, со кој се зголемуваат глобите од областа на заштита на природните богатства и животната средина, а кој исто така е во собраниска процедура, поради што во иднина повторно ќе мора да претрпи измени во членовите кои се однесуваат на глобите“, соопштуваат од Алијансата.

Од таму нагласуваат дека прекумерната и неконтролираната експлоатација на минералните суровини предизвикува хемиско загадување на водите и почвите, нарушување на пределите и хидролошкиот режим, трајна девастација на обработливото земјоделско земјиште, загуба на биолошката разновидност и може сериозно да влијае врз здравјето на населението што живее во околината.

„Законот за минерални суровини регулира прашање од стратешки интерес за државата и е потребна широка експертска и јавна дискусија за изнаоѓање решенија кои водат сметка за животната средина. Оттука, државните институции треба да се придржуваат до Архуската конвенција која налага одржување на јавна расправа за општата јавност како клучен механизам за гарантирање транспарентност на процесите и работење во служба на јавниот интерес“, соопштува Алијансата.

Барањата на Алијансата за застапување и лобирање #РазбистриСѐ може да се преземат ТУКА.