Александар Матовски Цако дипломираше на Педагошкиот факултет

Александар Матовски – Цако денеска го одбрани својот дипломски труд и со тоа официјално стана дипломиран професор по предучилишно воспитание.

Тој е автор на емисијата „Јас сум Цако“ на Радио МОФ, во која веќе шест години зборува за предизвиците и успесите на лицата со Даунов синдром, но и воопшто за случувањата што ги засегаат младите лица.

Александар е истакнат борец за човекови права и правата на лицата со попречености.

Добитник е на многу признанија, сертификати и награди за својата работа. Цако, исто така, беше избран да биде дел од самозастапниците на конференцијата посветена на Светскиот ден на Даунов синдром, која се одржи на 21 март 2016, во седиштето на Обединетите Нации во Њујорк. Покрај ова, Александар е познат и по неговата пасија за пишување поезија, така што има објавено неколку стихозбирки.

Во октомври Александар ќе започне со нова сезона од неговата емисија на Радио МОФ.