Алехандро Аравена е добитник на престижната Прицкерова награда за архитектура

Архитектот Алехандро Аравена со потекло од Чиле е добитник на најпрестижната архитектонска Прицкерова награда за 2015 година, која се доделува по 41 пат.

Аравена е 48-годишен извршен директор на познатата архитектонска фирма Elemental, со седиште во Сантијаго, и е познат по дизајнирањето на енергетски ефикасни објекти.

Неговите архитектонски дела се внимателно дизајнирани и ориентирани, така што ентериерите максимално изобилуваат со природна светлина.

Во образложението на жирито се вели дека градбите на Аравена се моќни и хумани. Жирито меѓу другите ги истакна и петте згради што Аравена ги дизајнирал за неговиот матичен Католички универзитет на Чиле, како факултетот за математика, медицинскиот факултет, а во 2014 и иновативниот центар Ангелини што се состои од бетонска структура со аула со стакло.

Во дизајнот се вклучени и многу места за спонтани средби и транспарентност со што можете да ги следите активностите. Во биографијата на Аравена има приватни, јавни и едукативни дела. Тој има создавано дизајни во САД, место за престој и јадење во Универзитетот Сент Едвардс во Остин, Тексас, а во Шангај, Кина има дизајнирано зграда за фармацевтската компанија „Новартис”.

Во Сантјаго, Аравена рече дека му претставува огромна чест што ја доби наградата која ја смета за Нобелова награда во неговата област.

Прицкеровата награда за архитектура почна да ја доделува претприемачот Џеј А. Прицкер и неговата сопруга во 1979. Добитникот добива парична награда од 100.000 долари и бронзен медалјон.