На почетокот од годинава, под хаштаговите #СегаКажувам и #TaniTregoj граѓаните на социјалните мрежи ги споделуваа личните приказни за сексуална злоупотреба или принуда од позиција на моќ во кампања на неколку независни активистки за подигање на свеста во јавноста по овие прашања.
Инспирирани од интернационалното движење #МеТоо (#Ијас) кое започна по бројните случаи на сексуално малтретирање во Холивуд, повеќе македонски активистки започнаа кaмпања за женски права, така што кои на своите профили ги напишаа нивните, или искуствата на нивни блиски, кога се соочиле со некаква форма на сексуална злоупотреба.
Дел од нив беа и Румена Бужаровска и Ирена Цветковиќ, кои годинава се меѓу говорниците на седмото издание на ENGAGE конференцијата на друштвен активизам што ќе се одржи на 12-ти мај, во Музејот на современа уметност во Скопје.
Бужаровска (1981, Скопје) е авторка на три збирки раскази (Чкртки, Осмица, Мојот маж) како и студија за хуморот во американскиот и македонскиот современ расказ. Се занимава и со книжевен превод од англиски на македонски (Луис Керол, Џ.М. Куци, Труман Капоти, Ричард Гвин, Чарлс Буковски). Во 2016 година беше избрана за еден од најинтересните писатели во Европа (Ten New Voices of Europe) во рамките на платформата Literary Europe Live организирана од Literature Across Frontiers. Таа е организаторка и иницијаторка на ПичПрич – вечери на раскажување женски приказни, како и авторка на истоимената радио емисија. Уредник е на Блесок – проза и е професорка по американска книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје.
Цветковиќ,пак, е магистер и доктор на науки по родови студии. Како млада истражувачка работела на многу истражувачки проекти од областа на социологијата, родовите студии и медиуми. Беше авторка на општествено ангажираниот блог Фемгерила, а потоа и колумнистка во дневниот весник Дневник. Таа е активистка за човековите права на маргинализираните заедници, а особено се бави со активизам за правата на жените, ЛГБТ лицата, корисниците/чките на дроги и сексуалните работници/чки. Активна е во неколку формални и неформални активистички здруженија. Во моментов е извршна директорка во Коалицијата Маргини.
На овогодинешната конференција организирана од Радио МОФ и Младинскиот образовен форум, ќе учествуваат осуммина говорници, а ќе има и два перформанси. Регистрацијата е достапна на овој ЛИНК, а можност за учество ќе имаат првите 200 пријавени учесници за конференцијата. Повеќе информации за сите говорници и настапи може да се најдат на engage.mk.
ENGAGE – Конференција за друштвен активизам е организирана со поддршка од Фондацијата Отворено општество – Македонија.