Активистите од Occupy Wall Street откупија студентски долг од скоро 4 милиони долари

Последните неколку дена, повеќе од 2.700 студенти на Everest College се разбудија и дознаа дека некој ги исплатил нивните приватни студентски долгови. Но ова не беше акт на добра волја на американската влада, која во моментов води судски процес против Corinthian Colleges, татко-универзитет на Everest, поради нивната ненаситна пракса на давање кредити. Не е ниту подарок од самиот колеџ кој се очекува да ги затвори своите врати и веројатно да остави 72.000 студенти без диплома и со изгубено време.

Студентскиот долг од кредити кој ненадејно исчезна е второто ремек-дело на финансискиот активизам на Occupy Wall Street – уличните активисти.

Активистите од Occupy Wall Street откупија студентски долг од скоро 4 милиони долари

За да ги инспирираат Американците со студентски долгови да се обединат, фондот The Rolling Jubilee, проект на Strike Debt, ги поништи приватните долгови на студентите на Еверест. Strike Debt започнува и нова иницијатива – The Debt Collective, кој „ќе создаде платформа за организација, застапување и отпор на должниците“.

„Решенијата нема да дојдат ако само чекаме Конгресот да нé поддржи“, вели Томас Гоки, еден од организаторите. „Ни треба социјално движење. Треба должниците да се обединат за да постигнат колективна моќ“.

Вкупниот долг вреди околу 3.8 милиони. Во огромната шема, овие пари се само капка вода во морето, со оглед на тоа што студентските долгови во цела Америка изнесуваат вкупно 1 трилион долари.

Гестот е замислен како симболичен и докажува дека долгот може да се отплати. Rolling Jubilee го отплатил долгот од 3,8 милиони со „попуст“, за вкупно 106.709 долари во кеш.

„Овој гест всушност и не го решава проблемот. Тоа е тактика, и тоа вредна, бидејќи го изложува пред јавноста начинот на кој се оперира со долговите“, вели Гоки.

Фондовите кои ги овозможуваат ослободувањата на долговите најверојатно доаѓаат директно од јавноста на САД. За малку повеќе од година, од ноември 2012 до крајот на декември 2013, Rolling Jubilee примале донации од поддржувачите. Кампањата успеала да собере 700.000 долари.  На пример, Курт Падила, донатор на проектот, вели дека дал само 20 долари за каузата.

Вчудовиден од бројот на „окупаторите“ и нивниот камп во близина на Њу Хејвен, Падила избрал да се држи на дистанца – гледајќи како движењето напредува на Твитер. Преку социјалните мрежи и слушнал за Rolling Jubilee.

„Само мислев дека концептот на заедничко отплаќање на долг по намалена цена и негово поништување е многу паметно. Сфаќам дека пазарот на долгови е преголем за Rolling Jubilee да направи разлика, но акцијата прави големи дупки во капитализмот. Сметам дека со донирање успеав да одиграм мала игра во битката против status quo-то“.

Иако можеби нема директно да им се помогне со проектот Rolling Jubilee, донаторите се возбудени за можноста на кампањата да ги откупи студентските долгови.

Потрагата на Rolling Jubilee по портфолио на студентски долгови започна во јануари годинава. На почетокот движењето планирало да ги откупи долговите кон компанијата Сели Меј, која има најголем број на приватни студентски долгови.

„Сели Меј е само Баба Рога која прогонува толку многу луѓе од нашата генерација“, вели Гоки.

После повеќе обиди да достигнат до некој од Сели Меј, Гоки вели дека конечно стапил во контакт со Даглас Сент Питерс, моментално потпретседател на менаџментот на портфолија во Сели Меј.

„Тоа беше како да разговараш со политичар сред секс-скандал. Без оглед на тоа што јас ќе кажев, тој како робот повторуваше: „Нема да го одговорам ова прашање, или било кое друго’“, вели Гоки.

Кога сфатиле дека не можат да ги откупат долговите кон Сели Меј, кампањата одбрала друга симболична целна група: Corinthian Colleges.

Фатени во средина помеѓу колеџот и Департманот за едукација на САД, студентите на Corinthian беа оставени без образование, и не можеа да носат одлуки за нивната едукација и за тоа што ќе се случува понатаму.

„Одделот за едукација мора да престане да делува како ликвидатор и треба да почне да го намалува долгот на овие студенти“, вели Лук Херин, член на Rolling Jubilee.

На 16 септември, еден ден пред Rolling Jubilee да најави дека „ослободил“ од долг 2.761 студент од Еверест, Бирото за финансиска заштита на купувачите објавија дека ги тужат Corinthian Colleges за „измама со позајмување пари“. Тие бараат повеќе од 500 милиони од корисниците на кредити.

Извор: Guardian

Превод: С.Т.