Активисти во Сараево се борат за враќање во функција на Народната библиотека

Млади сараевчани обединети во групата „Еден град, една борба“ ги повикуваат сограѓаните да им се придружат во заедничката борба за „Вјечница“, или зградата која порано служела како Народна библиотека.

Тие досега имаа неколку акции со читање, на скалите од објектот, за кој велат дека е единствен што остана некомерцијален.

„Донесете книги, добри намери и волја за да го вратиме она што е наше“, гласи пораката на овие активисти.

Тие истакнуваат дека сакаат да се воведи бесплатна посета на зградата еден ден во неделата и да се отвори заедничка читална.

„Зградата на поранешната Народна и Универзитетска библиотека на Босна и Херцеговина, позната како Вјечница, пред војната припаѓала на сите. Пред војната во неа имало полно луѓе – се барале книги и документи, се читало, се учело, а во холот луѓето се среќавале и дискутирале. Им припаѓала на сите оние што ја посетувале. Кога беше запалена во 1992 година, верувавме дека еден ден повторно ќе ја видиме и дека таа повторно ќе биде ризница за знаење, отворена за сите. Наспроти очекувањата, оригиналните намери и историјатот на сопствеништвото, во Вјечница по обновата се отвора и вселува Градската управа. Користењето на просторот целосно и срамно се комерцијализира“, велат од групата.

Порачуваат дека Вјечница мора повторно да стане центарот на живот во градот и целата земја, место во кое ќе се собираат и ќе биде отворена за сите. За својот предлог да воведат Народна читална двапати неделно, во вторник и сабота, го известиле и градоначалникот на Сараево, Иво Комшиќ.

При првата акција од нив беше побарано да ја напуштат зградата, но откако одбија интервенираше и полицијата. На следната акција тие се појавија во поголем број, но не можеа ниту да влезат, па затоа продолжија да читаат на скалите од зградата.

„Со овие акции сакаме да покажеме колку нам како жители на градот Сараево ни е важно овој процес да се забрза и Вјечница да биде она што била – јавно добро“, порачуваат активистите.

Акциите се одржуваат секој вторник, од 16 до 18 часот и во сабота, од 11 до 13 часот.