Активисти на Гринпис оштетија древен локалитет во Перу со нивната порака

Организацијата за заштита на животната средина Гринпис (Greenpeace) се извини за потегот од пред неколку дена, кога нејзини активист, поставувајќи голем банер за промоција на обновливите извори на енергија, го оштетиле древниот локалитет Назка во Перу.

Активистите го поставиле банерот, на кој пишува „Време е за промена, иднината е обновлива“ веднаш до познатиот геоглиф на колибри, стар над 1.500 години во низина на југот на земјата, а според властите во Перу, тие оставиле отпечатоци од стапала и можно е да направиле непоправлива штета.

Древните слики на животни, меѓу кои и приказот на мајмун и колибри се сметаат за витален дел од културното наследство на јужноамериканската земја. Пристапот на локацијата инаку е строго контролиран од властите – посетителите (дури и министри и претседатели) мораат да добијат посебно одобрение за да стигнат до линиите со кои е изработен геоглифот, а кога ќе добијат такво одобрение, мораат да носат специјални чевли за да не го оштетат кревкиот терен на локалитетот. Владата во Перу сега најавува правна акција против Гринпис, а оттаму ги бараат имињата на директно вмешаните активисти, на кои според законите во Перу, им се заканува казна затвор до шест години.