Актерката Ана Костовска во новиот филм на српскиот режисер Срѓан Драгојевиќ

Македонската актерка Ана Костовска во февруари ќе има филмска премиера со популарниот српски режисер Срѓан Драгојевиќ, на неговиот последен филм, снимен на крајот од минатата година, “Атомски с десна“.

Актерката Ана Костовска во новиот филм на српскиот режисер Срѓан Драгојевиќ

Необичното име на филмот е команда од Југословенската народна армија што се користела во вежба за евентуален напад од атомска бомба. Драгојевиќ во српските медиуми дообјаснува дека се работи за метафора која укажува на подемот на десницата и на либералниот капитализам, но и на страдањето на луѓето од овие простори, кои неподготвени ги дочекаа тие промени.

Костовска вели дека и претставува особено задоволство што игра со извонредна актерска екипа и дека улогата ја добила на аудиција. Додава дека соработката со Драгојевиќ, кој е познат по филмовите “Убави села убаво горат”, “Рани”, “Свети Ѓоргија ја убива ламјата”, “Ние не сме ангели”, “Парада” и е сценарист на “Монтевидео”, била совршена, па во најава има и следен ангажман.

Ана ја игра Олга, агент од Македонија, во приказна за агенција која се занимава со издавање луксузни апартмани, нелегален бизнис за лековерни туристи. Снимањето се одвивало во хотел во Улцињ, Црна Гора, а дејството се случува во имагинарен хотел – “Фламинго”, на хрватското Приморје.

Драгојевиќ објаснува дека идејата ја добил кога самиот бил на презентација на тајмшер апартмани за Тенерифе и оти филмот е горчлива комедија за овци и за волци, на еден начин за кутри луѓе кои ги играат своите улоги од нужда и кои се длабоко несреќни поради тоа. Играат: Срѓан Тодоровиќ, Мира Бањац, Зоран Цвијановиќ, Мима Караџиќ, Бранко Ѓуриќ-Ѓура, Тања Рибиќ, Бране Сурбеј, Дубравка Дракиќ, Младен Нелевиќ.  Драгојевиќ вели дека и овој филм е копродукциски склопен како “Парада”, од сите бивши ју-републики, зашто смета оти тоа е единствениот пазар кој успешно функционира.

Извор: Вест