Четворката од „Taxi Consilium“ (Такси Конзилиум), или како што самиот издавач ја нарекува „најпалавиот квартет џез чудаци“, го објави својот трет албум „Workin’ for the Other Side“.
Новото музичко парче е под етикетата на „Аксиома“, издавачка куќа која изминативе две години е собирно место за свежа музика, на раскрсницата меѓу џез, рок, ноиз, електроника и сите нивни експериментални, импровизациски и авангардни варијанти.
Главен фокус е новата вибрантна инструментална музичка сцена, па токму таму продолжува и ова издание на Благојче Томевски, Андреа Мирческа, Драган Теодосиев и Филип Букршлиев, .
Албумот содржи осум теми, снимени во извидничкиот дом „Орел“, дом на извидничкиот одред „Гоце Делчев“, лоциран во селото Орел, општина Свети Николе.
Филип Букршлиев пишува дека тоа е музика на луѓе „што звучат како да се ставени на црна листа на пристојното општество и осудени да го свират полноќниот саундтрак на империја што пропаѓа“.
Односно „ова повторно е имагинарен саундтрак – но овојпат филмот зборува за таксист кој го презира движењето, човек залепен за своето седиште од параноја и инерција“.
„Ретки се патниците што се осмелуваат да влезат во неговиот домен. Тој не вози. Тој собира. Лица, гласови, гестови. Тој е воајерот на проколнатите, незабележаниот архивар на градот“, стои меѓу другото во текстот на Букршлиев за албумот.
„Workin’ for the Other Side“ е компониран токму од Филип Букршлиев, а во продукција на „Taxi Consilium“ и Дориaн Јовановиќ.
Може да се преслуша, поддржи и симне преку Бендкемп-от на „Аксиома“.
***
Во продолжение, го пренесуваме целиот придружен текст кон „Workin’ for the Other Side“ на Вангел Ноневски, извршниот продуцент на албумот:
Зошто да слушате Такси Конзилиум?
Зашто музиката на овој македонски квартет, квалитативно, е таму горе, заедно и некаде помеѓу Krokofant и James Brandon Lewis Quartet. Мал број музички состави можат да иницираат меланхолија и оптимизам во рамки на една композиција или албум. Ако сте тажни, оваа музиката може да ви ја покаже светлината на излезот од дупката. Да, во овој свет сѐ уште се создаваат преубави сонични авантури, кои само чекаат да бидат откриени од секој еден самотник кој не може или не знае како да ја опише и да најде излез од својата тага. А ако сте претерано ентузијастични/среќни, оваа музика може да ви ја озвучи сета реална бесмисла во која овој свет веќе подолго време се наоѓа. Во вторава варијанта, таа може да маневрира како ријалити-чек. Врз и низ оваа субјективна опсервација се испреплетува уникатниот синеастички звучен сензибилитет на Такси Конзилиум. Залудно ќе барате џез состав кој успеал толку суверено да инкорпорира еден препознатлив ноар филмски призвук во нивниот опус како овој квартет. Во таа смисла, тие се во лига сами со себе. И покрај тоа, ми се чини дека воопшто не се чувствуваат осамено. Чујте ги во живо и ќе се уверите.
Кои луѓе ја слушаат нивната музика?
Повеќето луѓе не се ниту непоправливо тажни, ниту пресреќни во овој отровно противречен свет. Секој кој е отворен за впивање на чудно подредени акорди, убави мелодии и аранжмани е потенцијален слушател на оваа музика. Таа не бара многу, но ни премалку: оптимално би било да ѝ дозволите да ве внесе во таксито и да ве одведе онаму каде заеднички ќе се договорите. Не плашете се! На крајот (ако крај воопшто постои) сѐ ќе биде в ред.
Кои луѓе не треба да ја слушаат?
Оние кои мислат дека знаат сѐ, кои се убедени дека најдобрата музика се создавала и слушала во „нивно време“; оние кои мислат дека најдобар џез е прост аранжман на некој хит на Битлси; оние кои изјавата „ова на ништо не личи“ им е на дневен репертоар; луѓе кои минуваат премногу време следејќи дневна политика; сите оние чија што слепа вера во лажната и глорифицирана национална историја и/или организирана религија им го уништила перспективниот поглед.
***
Бојан Шашевски



