Акција за донирање зимски јакни – На секој му треба топлина!

Подо мототo „На секој му треба топлина!“, од 4 до 6 декември се организира акција за собирање зимски јакни во Скопје, кои ќе бидат дадени на сиромашните и бездомниците. Акцијата ќе се одвива на ул. Македонија, од 13 часот до 18 часот.

„Да ги собереме јакните кои не ни се потребни нам – но на некој друг живот му значат – и да ги ставиме низ центарот и околината на Скопје – за да може секој на кој му треба топлина да се згрее во овие студени ноќи и денови. Сите вие кои сакате да ги донирате вашите јакни може да го сторите тоа во определените денови. Ајде дечки можеме ние да го направиме ова! И секој кој сака да се приклучи и да помогне е добредојден! Се зависи од бројот на јакните кои ќе бидат соберани. Дел ќе се остават низ Скопје за да можат да ги земат луѓето кои што не се во можност да дојдат до пунктовите и луѓето кои се на улиците како и социјално загрозените. Дел лично ќе ги поделиме на бездомниците, а останатите ќе ги однесеме на пунктовите каде што веќе се собираат донации, за луѓето на кои што им се потребни“, стои во објавата на настанот.

Организаторите истовремено ги повикуваа сите кои нема да успеат да донираат во рамки на акцијата, да ја закачат јакната што им е непотребна на било кое дрво, за да ја земат оние на кои им треба.