Акција во Битола: Ромите не се вреќи за боксирање – стоп за насилството врз Ромите

Насилството врз Ромите во Битола помалку или повеќе со години се провлекува и е присутно во јавноста без да има сериозни реакции на надлежните институции, велат активисти од Битола, кои изведоа урбана акција.

Акцијата се состои од десетина вреќи за боксирање поставени во јавен простор во градот во близина на места каде, велат тие, се случија последните инциденти. На вреќите како и на неколку слични реквизити, налепници и банери се испишани пораките – „Ромите не се вреќи за боксирање“ и „Стоп за насилството врз Ромите“.

„За жал последните напади во изминатите 2-3 месеци, во кои без особена причина брутално беа претепувани припадници на ромската заедница, беа направени од страна на униформирани полициски службеници на должност од полициската станица Битола“, соопштуваат активистите.

Сметаат дека тоа е непростливо и не треба да се премолчи, а секој граѓанин треба да го осуди и да се бори против ваков тип насилство.

„Токму затоа ја креиравме оваа акција со цел јавно да проговориме и да ја потсетиме јавноста на овие проблеми од кои најголем број сеуште немаат разрешница. За жал нашиот град Битола е еден од градовите во Македонија со највисок процент на насилство врз Ромите кои се жртви не само на полицијата, туку и на многумина локални насилници кои својот бес и фрустрации секојдневно ги истураат на нашите сограѓани Роми“, забележуваат активистите, додавајќи дека со оваа акција сакааат во локалната јавност да го потенцираме овој проблем што со години фрла темна сенка и е срам врз Битола.