Акција на вдомување бездомни животни во сабота на улица „Македонија“

Оваа сабота, Здружението за заштита на правата на животните „Анима Мунди“ ја организира акцијата „Спаси живот, вдоми, не купувај“, со цел да им се обезбеди топол дом на што е можно повеќе кучиња и мачиња, кои живеат на улица.

Ова е првата, од предвидените три акции кои треба да се случат до крајот на март. Во сабота (12 март), на улица „Македонија, во близина на спомен куќата на Мајка Тереза, од 12 до 17 часот ќе можат да си одберат милениче.

„Вдомете, зошто пријателството нема цена“, велат од „Анима Мунди“.

За време на акцијата за вдомување ќе биде поставен и едукативен штанд со инфо материјали – прирачник за одговорно чување миленици, препораки за грижа на милениците, флаери, плакати, летоци за полезноста од стерилизација и кастрација на милениците и активистите на Здружението ќе бидат достапни за совети и дискусија за се што ги интересира љубителите на животни.

„Секое вдомено кутре ќе добие извод и ваучер за 70% попуст за негова стерилизација/кастрација во иднина, кој ќе важи за секаков вид оперативни зафати за вдоменото животно“, информираат од „Анима Мунди“.

Настан е овозможен со програмата Civica Mobilitas и поддржан од Општина Центар.